Законот за заштита на укажувачите содржи неколку одредби чија примена може да биде проблематична. Поконкретно, „свиркачите“ треба да бидат заштитени кога ќе пријавуваат и директно во медиуми или граѓански организации и треба да се гарантира независност на внатрешните канали на пријавување.
м-р Бојан Георгиевски
Ако ја посетите Еколошката оаза на културата во Берлин, ќе наидете на необична глетка: бронзени статуи од Едвард Сноуден, Џулијан Асанж и Челси (претходно Бредли) Менинг. Она што ги обединува Сноуден, Асанж и Менинг е тоа што одбрале да не молчат, односно се дрзнале да откријат тешки злоупотреби на човековите права сторени од тие што биле должни да го штитат јавниот интерес и правата на граѓаните.
Авторот на овие скулптури Давиде Дормино се решил да ги изработи од причина што сметал дека треба да „бидат претставени тројцата современи херои кои ја жртвувале слободата за сметка на вистината“ и дека тие се потсетник за „нужноста да се осознае вистината и храброста да се трага по неа“.
Што е „свиркач“
Во јавноста, овие лица се познати како „свиркачи“ (whistleblowers). Најсвеж пример, чии последици уште траат, беше тој на Едвард Сноуден во 2013 година кој ги откри методите на разузнавачките служби во САД и Европа преку кои тие, противзаконски и противуставно, ги шпионирале граѓаните под изговор дека го штитат јавниот интерес. Мета на шпионирање биле и високи државни функционери. Сега знаеме, на пример, дека Ангела Меркел со години била прислушкувана од Агенцијата за национална безбедност на САД.
На европско тло, познат е случајот на Пол Ван Буитенен, кој со своите откритија во 1998 година го предизвика (дотогаш незамисливо) распуштањето на Европската комисија. И покрај тоа што откри случаи на тешка корупција и злоупотреба на моќ во Европската комисија, за ова тој беше „награден“ со суспензија, преполовување на неговата плата, а против него беше поведена и дисциплинска постапка.
Лицата кои пријавуваат тешки кривични дела, т.е. „свиркачите“, кај нас се нарекуваат „укажувачи“ според новиот Закон за заштита на укажувачите. Овие личности сметаат дека јавниот интерес и човековите права се поважни од интересите на одредена организација или институција. Оттаму, тие „свиркаат“, односно „укажуваат“ кога ќе забележат случаи на тешка корупција во приватниот и во јавниот сектор, и нарушување на јавниот интерес и човековите права.
Свиркачите се исклучително важни во општества каде што не се негува соодветна заштита на правото на слободно изразување и општества со опресивни (насилни) владејачки структури, каде што институциите се затворени за граѓаните, и каде што нема вистинска отчетност од тие што се на власт.
Сепак, свиркачите не уживаат добра репутација дури и во општества што се сметаат за подемократски. Односно, тие често се сметаат за „кодоши“ или предавници кои не се лојални кон своите вработувачи, институции, или кон својата држава. Свиркачите вообичаено лошо си поминуваат и пред судовите. Челси Менинг моментално отслужува 35 годишна казна затвор, Асанж е „заробен“ во амбасадата на Еквадор во Лондон (доделен му е политички азил од државата Еквадор во 2012 година), додека Сноуден си најде прибежиште, исто така, со азил во Русија.
Има ли свиркачи во Македонија?
Македонија нема богато искуство на случаи на укажување на корупција, без разлика дали станува збор за приватни или јавни институции. Ова делумно се должи и на тоа што граѓаните се плашат да зборуваат јавно за ваквите појави од страв од негативни последици.
Повеќе од четвртина (28 отсто) од анкетираните граѓани во рамките на истражувањето на Фондацијата Отворено општество-Македонија (2013) рекле дека не бараат информации од јавните институции поради тоа што веруваат дека нема да ја добијат информацијата што ја бараат и сметаат дека државните институции се генерално затворени за граѓаните.
Особено е важно да се нагласи потребата од заштита на свиркачите во јавниот сектор, имајќи ја предвид затвореноста и нетранспарентноста на државните институции во нашата земја. Воизвештајот за состојбата на медиумските слободи во Македонија на Фридом Хаус 2015 се забележува дека законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е „нееднакво и селективно спроведуван“, а јавните службеници „го одложуваат давањето на информации и ги занемаруваат барањата на критички настроените медиуми.“
Во рамките на истражувањето за транспарентност и отчетност на јавните институции во Македонија, предводено од Транспарентност Македонија (2012) спроведена е анкета според која повеќе од 70 проценти од анкетираните граѓани веруваат дека корупцијата е најмногу присутна во секторите на администрацијата најблиски до оние што поседуваат моќ („power holders“). Еден од заклучоците на извештајот е дека „постои голема веројатност граѓаните да одберат да не пријават корупција поради страв и недостаток на доверба дека институциите ќе ги заштитат во такви ситуации.“
Херои или кодоши?
Во ноември 2015 година, Собранието на Република Македонија го усвои Законот за заштита на укажувачите, како дел од пакетот реформи предвидени со договорот од Пржино склучен во јуни 2015 година. Законот овозможува заштита во случај на пријавување незаконито постапување со кое се загрозува јавниот интерес во државните институции, но и во приватните компании, а неговата примена беше предвидено да започне четири месеци од неговото донесување односно од почетокот на март. Според законот, во својство на „укажувач“ може да се јави секој вработен, кандидат за вработување, волонтер или лице кое по кој било основ е ангажирано за работа.
И покрај квалитетно уредената заштита на свиркачите, законот содржи неколку одредби чија практична примена би можела да биде проблематична. Поконкретно, постојат две области каде се потребни итни реформи, за законот да не прерасне во украсен декор и за граѓаните и за институциите.
Заштита во случај на јавно пријавување: Иако законот, во чл. 6, предвидува заштита за јавно пријавување, заштита се дава само кога „укажувачот“ веќе извршил внатрешно пријавување (во организацијата каде што е вработен) или надворешно пријавување (во одредени државни институции – МВР, Јавно обвинителство, и др.), а воопшто не е предвидена заштита за директно јавно пријавување во медиумите. Односно, ако свиркачот достави информации за сторено кривично дело директно во медиум, без претходно да пријави таму каде што е вработен, или во државните институции утврдени во законот, нема право на судска заштита, ниту пак на заштита од негативни последици на работното место.
Ова би било во ред во системи каде што се почитува владеењето на правото. Во држави каде што институциите и медиумите во голем дел се заложници на поединечни интереси, овој принцип на „свиркање“ е нефункционален. Ова е и една од препораките наведени во извештајот на Венецијанската комисија, каде што се вели дека јавно пријавување треба да биде овозможено во случај на „очигледна неефикасност“ и нефункционалност на внатрешните канали на пријавување, или пак ако постои „ризик од прикривање на докази“.
Во идеално сценарио, свиркачите нема да имаат потреба да одат директно кај медиумите или други организации кога ќе откријат корупција или други кривични дела во институциите, туку самите институции би презеле се што можат за да си ја исправат грешката.
Во наши услови, апсолутно неопходно е на укажувачите да им се дозволи директно да пријавуваат тешки злодела во медиумите или граѓанските организации доколку имаат разумно сомневање дека институцијата каде што требало да пријават ќе ги прикрие или уништи приложените докази, или ќе го казни свиркачот. Ова е потврдено и во принципите за заштита на свиркачи утврдени од Транспаренси Интернешнл (Transparency International), каде што се вели дека свиркачите треба да уживаат заштита дури и кога пријавуваат кривични дела или незаконито постапување директно во „медиуми, граѓански здруженија, и други организации“.
Независност на каналите за внатрешно пријавување: Во својата сегашна форма, Законот предвидува укажувачот да врши пријавување кај лицето задолжено да прима такви поплаки во организацијата каде што го врши пријавувањето, или ако не постои такво лице, кај одговорното лице во организацијата. И оваа мерка е нереална во околности каде што не може да се очекува дека институциите ќе постапат по пријавувањето. Односно, можеби ќе постапат, но за да ги идентификуваат свиркачите и да се обидат да ги одвратат од пријавување, или пак судски да ги гонат уште пред да извршат пријавување.
Поединците и органите овластени да примаат поплаки од свиркачите треба да бидат независни и да имаат моќ и ресурси да постапуваат по добиените информации (на пример, да пријават кај јавниот обвинител), а нивното назначување да не биде само „про форма“. Внатрешните канали се бесполезни доколку молчат при добивање пријави кои укажуваат на тешки злоупотреби против човековите права.Едно од можните решенија е овие канали да бидат независни (финансиски и структурно) од институцијата во која се сместени.
Поглед напред
Постојат и други решенија кои можат да се имплементираат: воспоставување на центри за бесплатна правна помош на свиркачите; организирање кампањи за подигање на свесноста во јавноста за важноста на свиркачите; парични награди за тие што ќе „свирнат“; задолжителна периодична евалуација на ефикасноста и начинот на имплементација на законот. Но ако се почне од некаде, треба да се почне од (1) заштитување на укажувачите кога ќе пријавуваат директно во медиуми или граѓански организации и (2) гарантирање на независноста на внатрешните канали на пријавување, односно на тие што ќе бидат задолжени да ги разгледуваат внатрешните пријавувања.
Доверливоста и тајноста на информациите не смеат да бидат злоупотребени за прикривање информации од голем јавен интерес. Токму затоа ни се потребни свиркачите. Нужно е постоењето на луѓе кои се подготвени да застанат во одбрана на вистината и на јавниот интерес, и да ги бранат интересите на граѓаните кога некој делува спротивно на нив, без нивно знаење. А така ќе се обезбеди и поголема отчетност и транспарентност од институциите кои треба да го штитат јавниот интерес, знаејќи дека секој нивен потег е будно следен.
Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.