„Полог: природа, култура, авантура“ – регионален саем во Јавна Соба

„Полог: природа, култура, авантура“ е првиот од серија на неколку регионални саеми кои ќе се одржат во Јавна Соба во текот на пролетните месеци оваа година.

„Искусете го полошкиот регион преку неговата традиционална храна, облека и накит, како и преку нови производи инспирирани од стари техники на производство – органски сапуни и природна козметика.

За авантуристите, на саемот ќе бидат презентирани дестинации, активности и тури кој ја спојуваат природата на Полог со потрагата за возбуда и нови искуства – летање со параглајдер, планински велосипедизам и искачување на најубавите планини во Македонија.

За оние кои ќе присуствувајте на отворањето на 7-ми април имаме подготвени специјални демонстрации од занаетчии од регионот кој ќе покажат како се изработуваат дел од производите кои ќе ги изложуваат и продаваат на саемот – изработка на дрвени чибуци, рачно красење на облека со вез од срма и декорација на торти“, се вели во најавата за саемот.

Настанот кој ќе трае од 7-ми до 9-ти април е организиран од Локалната акциона група Боговиње-Брвеница (организација за локален рурален економски развој) и општините од Полог во партнерство со Јавна Соба и со поддршка од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија.