Високото образование има витална улога во еманципацијата и зајакнувањето на студентите да им пркосат на прифатените догми, норми и правила. Во светот се актуелни дебатите за политиката за дрога во одделните земји и како таа политика влијае на остварувањето на правата на луѓето кои употребуваат дроги. Светската здравствена организација во својот последен извештај им препорачува на државите да ја декриминализираат употребата на дрога и да се намали бројот на лица кои извршуваат казна затвор поради употреба на дрога. Во таа смисла е неопходно денешните студенти да се едуцираат за тековните дебати за одредни политички прашања за да можат во иднина како професионалци да учествуваат и да придонесат кон унапредување на правата на маргинализираните заедници во земјава.
Изминативе неколку месеци учествував во анализа на учебници што се дел од образовните програми во високообразовните установи, а во кои се третира прашањето на употреба на дроги, луѓето кои употребуваат дроги и луѓето кои живеат со ХИВ. Во анализата учествувавме повеќе професионалци од различни области, а јас ги анализирав учебниците од областа на кривичното право, криминалистиката и пенологијата. Генералниот заклучок е дека учебниците што се користат во образовните програми во вискообразовните установи во Република Македонија содржат термини што не соодветствуваат со современата терминологијата за луѓето кои употребуваат дроги, базирана на човекови права. Имено, луѓето кои употребуваат дроги се една од најнепосакуваните групи во нашево општество, па употребата на учебници со кои се зацврстува негативниот стереотип за луѓето кои употребуваат дроги само придонесува за одржување на стигмата и на дискриминацијата кон нив.
Во учебниците авторите најчесто го употребуваат терминот „нарко-зависник”, термин за кој се врзани негативни стереотипи и со кои се стигматизираат луѓето зависни од дрога. Употребата на јазикот во дефинирање на одделни термини, појави или именување одредени луѓе, влијае на поттикнувањето и на одржувањето на стигмата и негативните стереотипи врзани за поединци и појави. Најчесто оправдување за употребата на спорните термини „наркоман“, „наркоманија“ се постоечките закони кои сè уште ги користат овие термини. Сепак терминологијата употребена во законите што датираат од претходниот политички систем и не се усогласени со стандардите за заштита на човековите права не може да биде оправдување за современите четива во високообразовните институции да содржат терминологија што исклучува, стигматизира и дискриминира. Образованието служи да ги преиспитува воспоставените норми, да ги критикува и на крај да придонесе за нивна промена со цел почитување на човековите права на сите. Едностраното и некритичко претставување на постоечките закони и практики поврзани со дрогата ги лишува студентите од знаење за правни документи што, исто така, се дел од правниот систем на Република Македонија.
Анализата на шесте учебници по право и безбедност покажа дека независно од временскиот период кога се пишувани текстовите, секаде се користат термини што не соодветствуваат со современите термини препорачани од релевантни меѓународни институции како што се Светската здравствена организација, Програмата на Обединетите нации за ХИВ/СИДА (УНАИДС) и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ). Во сите учебници се користи терминот „наркоман“, „наркоманија“, „нарко-зависник“, што се спротивни на стандардите за заштита на човековите права и го повредуваат достоинството на луѓето кои употребуваат дроги. Покрај употребата на погрдните термини, авторите многу често нив ги ставаат во негативен контекст каде што луѓето кои употребуваат дроги се поистоветуваат со криминалци и со сторители на кривични дела. Исто така дел од учебниците содржат погрешни информации во врска со начинот на кој е регулирана употребата на дрога, класификацијата на дроги, нивното дејство и последиците од употребата на дрога. Отсуствува осовременување на стручната литература што се користи во учебниците, како и усогласување на информациите со најновите меѓународни стандарди. Учебниците даваат информации за ставовите кои самите автори ги имаат во врска со прашањето на дрогата, употребата на дрога, пренесување на заразни болести, без да дадат сеопфатни информации за современите дебати и трендови во областа, со цел да поттикнат кај студентите дебата и градење на сопствени ставови за овие прашања. Во таа смисла, студентите треба да добијат информации со кои ќе можат да им пркосат и на усвоени одредби, пракси и политики и да застапуваат за нивна измена и унапредување со цел заштита на правата на маргинализираните заедници.
Постоење на проблематична одредба во постоечкото законодавство треба да биде предмет на критика и дебата во високото образование. Принципот на прилагодливост на образованието значи можност за адаптација на курикулумите во согласност со промената на општествените односи. Имено, образованието треба да биде флексибилно, во согласност со современата научна и правна мисла, така што нема да се дозволи некритичко читање на правните документи и воспоставената судска пракса, посебно кога со нив се повредуваат човековите права на маргинализирани групи.
Светската здравствена организација и други релевантни тела во рамките на системот на Обединетите нации за дрога, во своите залагања за унапредување на јавното здравје, препорачуваат да се декриминализираат луѓето кои употребуваат дроги и да им се излезе во пресрет на овие луѓе и нивните проблеми користејќи се со „хуман и поддржувачки пристап“. Овој пристап, што треба да биде издигнат на ниво на национална стратегија, подразбира, меѓу другото, и институционални промени со цел намалување на „институционализираната стигма и дискриминација“. Во пракса, употребата на дрога се криминализира, а според анализираните учебници ваквата пракса се поддржува и пренесува на идните професионалци во областа. За општествената појава на употреба на дроги авторите го употребуваат дискриминаторскиот и навредлив термин „наркоманија“ и ја сместуваат во категоријата „девијација“ или „девијантно однесување“, додека луѓето кои употребуваат дроги се опишани како криминалци.
Поради ова е неопходно ревидирање на постоечките програми, отстранување на спорната содржина од учебниците и вклучување на хуман и поддржувачки пристап во обработката на прашањето за употреба на дроги и луѓето кои употребуваат дроги. Образованието и дисеминацијата на информации за човековите права се основа за да се даде неопходното знаење на носителите на законот, судиите и другите институции за да можат постоечките правни лекови да бидат достапни и ефикасни. Познавањето на концептот за човекови права посебно во областите како пенологија, кривично право, криминалистичка тактика е клучно за да се првенира прекршување на човековите права и активирање на меѓународните механизми за заштита на човековите права во случај на повреди.
Автор: Наташа Бошкова
Извор: coalition.org.mk