Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски денеска објави документи во врска со проектот „Компјутер за секое дете“, кои според него, упатуваат на злоупотреби на тендери и процедури правени директно од министерот.
„Претходниот министер, Иво Ивановски, донел Решение за избор на најповолен понудувач за проектот „Комјутер за секое дете“, ден пред Комисијата за јавни набавки да направи рангирање и да даде предлог за најповолен понудувач, што е против законски. Решението е потпишано од Ивановски, на 7-ми Април, 2009-та година, а Извештајот од спроведената постапка од Комисијата за јавни набавки при Министерството, е изготвен ден потоа, што според законот, требало да биде обратно“, рече Кирацовски на денешната прес-конференција.
Тој рече дека вкупната сума на оваа набавка на која што Ивановски „незаконски ставил потпис“ е 15 милиони долари.
„Каква противуслуга требала да врати предвреме избраната компанија, ЦТ Компјутерс ДОО Белград и ЦТ Компјутерс МК Скопје, за возврат на оваа услуга на Ивановски? Дали е тоа разликата во цена од 2,3 милиони евра помеѓу намерно избраната компанија и неизбраниот најповолен понудувач? Или се тоа 200-те илјади евра за платени, а неиспорачани лаптпопи за учениците?“, запраша Кирацовски.
Тој посочи дека Извештајот на Државниот завод за ревизија укажува на недостатоци на дел од договорите за набавка на компјутерите.
Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација вчера објави дека постојат сериозни индиции за вмешаност на Министерството за информатичко општество и администрација во незаконски тендери и информации, што упатуваат на коруптивна и криминална позадина на дел од проектот „Компјутер за секое дете“. Министерството, пак, преку соопштение ги деманираше овие наводи.
„Проектот овозможи да се зголеми дигиталната писменост кај учениците од најмала возраст и преку пристап до онлајн и мултимедијални образовни содржини да се развие концептот на интерактивно учење. Имплементацијата на овој проект ја позиционираше Република Македонија како една од земјите-лидери во светот во овој сегмент, се вели во соопштеието од Министерството.
Притоа се наведува дека Државниот завод за ревизија, според последното стручно ревизорско мислење, подготвено согласно меѓународните стандарди, работењето на Министерството во сите материјални аспекти, вклучително и реализацијата на посочениот проект, го оценило дека е во согласност со релевантната законска регулатива, упатствата и воспоставените процедури, со што во целост, како што се наведува се демантира „манипулацијата на дополнителниот заменик министер Kирацоски“, се вели во дел од реакцијата на Министерството.