Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) денеска реагираше во врска со најавите за изградба на хотел на местото на поранешниот ресторан „Парк“ на локалитетот „Горица“ кој се наоѓа на охридското крајбрежје. Оттаму велат дека во време кога се соочуваме со опасност од одземање на статусот на Охрид и охридскиот регион како природно и културно наследство на УНЕСКО, односно наследство во опасност, сметаат и го охрабруваат градоначалникот и сите надлежни институции да постапуваат согласно и исклучиво со законските уредби, пропишаните правила и прописи.
На местото на ресторанот „Парк“ на охридското крајбрежје има одобрение за градба на хотел која е добиена во 2018 година, а инвеститорот може да гради објект од приземје, три ката и поткровје, ова пред помалку од една недела го потврди градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски на прес-конференција.
Тој посочи дека на градежната парцела со површина од 9.748 метри квадратни, може да се гради објект со површина од 4.525 метри квадратни, односно процент на изграденост од 40 отсто.
Прес-конференцијата на Георгиевски дојде неколку дена откако еколошката иницијатива „Охрид СОС“ реагираше дека од терен преку работници кои биле ангажирани на местото, дознале дека објектот „Парк“ ќе се руши и дека на негово место ќе се гради нов хотел.
„Она што е потребно во овие моменти е транспарентност на локалната самоуправа за активностите кои ги превзема. Целата е јавноста да има увид во постапката за изградба на планираниот објект ‘хотел’со катност П+3, особено во: урбанистичкиот план за локалитетот од 2009 година (кој не даден на јавен увид на веб-страната на Општина Охрид, мислењето од Националната комисија за УНЕСКО, водостопанската согласност од Министерството за животна средина со која се дава дозвола за градба на објект во заштитениот појас со ширина од 50 м’ од највисокиот водостој на Охридското Езеро“, стои во реакцијата на ААМ.
Истовремено, од Асоцијацијата и прашуваат дали урбанистичкиот план од 2009 година, како план од пониско ниво, е синхронизиран и усогласен со плановите од повисоко ниво, како просторниот план на Република Македонија, просторниот план на Охридско – Преспанскиот регион, планот за управување со Охридскиот регион и планот за управување со националниот парк Галичица.
Исто така, тие прашуваат дали урбанистичкиот план е синхронизиран и усогласен со Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за заштита на природата, Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, Законот за заштита на Охридското, Преспанско и Дојранското езеро, како и Законот за води.
„Дополнително, проблемот се усложнува и со фактот дека се отпочнати дури и градежни активности и покрај тоа што е надминат законскиот рок за отпочнување со градба најмногу 2 години од издавањето на одобрението за градење согласно Член 66 од Законот за градење. Во него се пропишува дека доколку е надминат рокот издаденото одобрение за градење е неважечко, а идната градба бесправна“, се додава во нивната реакција.
Од АММ истакнуваат дека постојниот објект за кого е предвидено рушење, претставува наградено репрезентативно архитектонско дело на архитектот Павел Балабан на Биеналето на македонската архитектура во 1989 година, за кое велат дека со својата форма, дизајн, габарит и функција, внимателно создава симбиоза меѓу природата и артифициелното, односно, Охридското езеро и околината со автентична, уникатна охридска архитектура од 20-от век.
„Во неможност за увид во плановите и проектите за новиот објект – Хотел, кој треба да го замени постојниот награден објект, како и стручна анализа за усогласеноста на Урбанистичкиот план со Плановите од повисоко ниво и Законската регулатива, бараме да прекине постапката за градење до нивно објавување и позитивна стручна анализа со вклученост на стручната јавност“, реагираат од ААМ.