ААВМУ мора да се трансформира во вистински независен регулатор

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) мора да стане вистинско независно регулаторно тело за медиумите, со право да носи политики, и без какво било мешање на Собранието на Република Македонија и Владата, порача Дејан Георгиевски, извршен директор на Центарот за развој на медиуми на денешната презентација на петтиот мониторинг извештај за работата на ААВМУ и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Извештајот е заеднички проект на Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Владата го усвои предлог-законот за медиуми и започната е трансформацијата на регулаторното тело од претставничко до мало професионално експертско тело, но таа трансформација е далеку од завршена. Потреба е да се добие вистинско независно регулаторно тело. Агенцијата, со своите ограничени надлежности, не е тоа во моментот. Таа не е носител на политики во моментот. Треба да се отстрани можноста за парламентот и владата директно да влијаат на прашања како распределба на дозволи и фрекфенции“, рече Георгиевски.

Според Билана Бејкова од НВО Инфоцентар, која ги претстави резултатите од кварталниот мониторинг на ААВМУ за периодот октомври-декември, не е реализирана подготовката на петгодишната стратегија и наместо тоа била ставена како приоритет за првата половина на 2018. Генерално, рече Бејкова, ААВМУ го продолжила трендот на проактивен однос кон темите од јавен интерес и обезбедила солидно ниво на транспарентност и отчетност.

Зоран Трајчевски, директорот на ААВМУ, во дебатата по презентацијата ја стави под знак прашање експертизата на составувачите на извештајот. Наспроти критиките што беа кажани тој го прочита и заклучокот на ОБСЕ/ОДИХР дека во врска со изборите ААВМУ професионално ги извршила своите преземени обврски.

За Горан Лазаров од Евротинк, кој е координатор на мониторингот за АЕК останува отворено прашањето за „донацијата“ на АЕК на ЈСП за Панорамското тркало. Евротинк трипати барале отчет од ЈСП Скопје, но не добиле конкретен одговор освен дека ЈСП ги чува финансиските средства на посебна банкарска сметка и дека истите не се целосно потрошени, како и дека ќе се искористат исклучиво за таа намена.

Најголема ставка во буџетот е за изградба на радиодифузната кула на Водно, а втора најголема се плати за вработените кај која не забележано значителна промена.

Петиот извештај е изработен од четирите организации во рамките на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch“.

Мета