Музичкиот фестивал кој започна како еднодневен настан во паркингот „Гранит“ во Дојран, годинава за првпат ќе се одржува три дена, со камп во најубавиот дел помеѓу Стар и Нов Дојран. Станува збор за „Д фестивал“ кој годинава ќе спои повеќе познати имиња од домашната и странската музичка сцена, а ќе трае од 17 до 19 јули.
Во студиото на Радио МОФ зборува Владимир Лазороски – Адо од „Пасворд продукција“ за подготовките на фестивалот, но и за новитетите на балканската и македонската музичка сцена под палката на „Пасворд продукција“.
Што се случува со „Д фестивал“? Како е предвидено да тече програмата?
Имаме мини јубилеј годинава. Назад низ годините, четирипати „Д фестивал“ се случуваше на паркингот „Гранит“ во Дојран, помеѓу Стар и Нов Дојран, каде што настапија „Sonique“, Stereo МСs“, балканските артисти како „Сарс“, „Дубиоза Колектив“, Кирил Џајковски, „Бернејс Пропаганда“, „Ареа“… и се тоа беше еднодневен настан кој си поминуваше супер секое лето. Имавме по 5-6 илјади луѓе, а годинава решивме да се распостелиме на три дена. Ова е година каде што имаме целосна програма за три дена и имаме три сцени. На 16-ти ќе ги отвориме вратите за камперите.
Колкава ќе биде оддалеченоста на сцените?
Има пешачка патека помеѓу главната сцена и кампот. Тука сме на едно место. Очекуваме да го наполниме Дојран и очекуваме многу гости, не само од Македонија, бидејќи во близина се и Бугарија, Грција. Се надеваме дека ќе го направиме регионален фестивал. Главната сцена ќе функционира од 20 часот, па се до 3 наутро.
Каков е досегашниот одзив со продажбата на билетите?
Тешко е да се предвиди колку луѓе ќе се појават на фестивалот, но според првичните проценки и според првата продажба очекуваме одлична посетеност.
Во продолжение, слушнете го целиот разговор на Николај Митрески со Владимир Лазаровски – Адо од „Пасворд продукција“.
[Interview] Ado (Password Production) @ Radio MOF by Radio Mof Music on Mixcloud