Аеродром презема сопственост на некогашното зеленило зад Мајчин Дом за да гради паркинг

Општина Аеродром ќе прави паркинг-простор за 56 возила зад Мајчин дом. Се работи за локација меѓу домот и веќе постоечкиот зонски паркинг, позади контроверзната зграда на „ЗСФ-КОМ“, каде вирееше зеленило пред налетот на урбанизација и нови возила во овој дел oд скопската општина.

Веста за нов асфалт и обележување на делот зад Мајчин Дом на Фејсбук ја најави новиот градоначалник Тимчо Муцунски, откако локални жители на средба со него побарале да им се реши проблемот со паркирање.

Од Аеродром за Радио МОФ велат дека просторот неколку години претставува запуштено и неуредено место, на кое некои граѓани се паркирале на диво.

„Во моментов сме во фаза на пренос на земјиштето во сопственост на Општина Аеродром. На тоа место ќе биде изработено сообраќајно решение, според кое ќе се предвидат 56 нови паркинг-места и со тоа ќе се реши проблемот на станарите од зградата и околните места. Исто така, е разговарано со станарите за во комуникација со ЈП ‘Градски паркинг’ и таа зграда да се вклучи во системот за зонско паркирање што уште повеќе ќе придонесе кон ублажување на недостатокот на паркинг-места. За сите други активности со процесот на трансфер на сопственоста на земјиштето и негово уредување јавноста ќе биде навреме известена“, посочуваат општинарите.

Според Катастарот се работи за парцелата 192/4. Во имотниот лист моментално стои дека е во државна сопственост на површина од 1.495 метри квадратни. Во ДУП-от И10 парцелата уште претходно е впишана како „паркинг 14“.

Приказ на парцелата, лево според Катастар, десно според ДУП И10

Дека оваа локација своевремено беше зелена, и во документ и на терен, исто како и соседната парцела 192/3 каде никна осумкатната зграда на „ЗСФ-КОМ“ на бизнисменот Фатмир Етеми, сликовито покажуваат споредбите со снимките на „Гугл“ (со слајдер движење лево-десно).


Приказната за парцелите што предизвикаа урбанистички и сообраќаен хаос

Овие две парцели со вкупна површина од 5.000 квадрати со години беа државна сопственост, по што во 2007 и се продадени на „Европа Комерц“ од Кочани. Во 2013 фирмата бара пренамена во градежно земјиште, а тогашниот општински Совет на чело со Виктор Камиловски – ги прифаќа.

Односно, прифаќа иницијатива на „Европа Комерц“ за изработка на урбанистички план за четврт И10 „со цел на катастарските парцели 192/3 и 192/4 да се предвиди намена за домување во станбени згради согласно важечкиот ГУП“.

Ова го потврдува и истражувањето на тимот на ИРЛ. Во 2014 година „Европа Комерц“ заедно со „Архи ДОО“ ја формираат „Масив констракшн“, блиска до бизнисменот Орце Камчев. Сепак, „Масив констракш“ го губи земјиштето поради неподмирен банкарски кредит, за потоа на лицитација за три милиони евра парцелите да ги купи „ЗСФ-КОМ“.

Планот И10 генерално наиде на отпор и несогласувањe кај населението. Плус предвидуваше и маркици за низа објекти долж Вардар, претворање на децениско зеленило во бетон, па се организираа и протести. Аеродромци бараа чист воздух, зелена општина и подобар квалитет на живот. Планот беше вратен на доработка, но сепак изгласан во април 2017 година, пред заминувањето на градоначалникот Ивица Коневски.

Еден од најголемите противници на ваквата урбанизација, опозицискиот советник Златко Марин, потоа како градоначалник самиот го потпиша Одобрението за градба за објектот на „ЗСФ-КОМ“. И против него се организираа протести, но Марин тврдеше дека нема механизми за да се спречи изградбата. Така едната парцела се претвори во зграда. Бизнисменот Етеми вети компензација на зеленилото, додека за станбеното паркирање официјално стои дека е „обезбедено со две подрумски нивоа“. Сите станови во зградата сега се распродадени и гаражите закупени по избор.

„Проблемот со паркирањето кај Мајчин дом не е случаен“

Откако општината даде државни зелени површини да се претворат во градежно земјиште, а сега практично едната од нив повторно ја враќа во сопственост да прави паркинг, постои скепса и за новото решение на Муцунски.

„Сите градоначалници забораваат една работа, дека проблемот не се решава отпосле, туку однапред. Односно се работи на соодветен урбанизам за да не создадат проблеми. А, секое решавање отпосле, тоа е изнудено решавање на сметка на јавна површина, дали е тоа тротоар, зеленило, игралиште за деца… затоа што не можат да измислат друг простор“, забележува архитектката Сања Раѓеновиќ Јовановиќ.

Според неа, кога се буни стручната јавност – не е случајно. Проблемот со паркирањето кај Мајчин дом, исто не е случаен. Тој дошол уште пред да се изгради зградата.

„Кај нас стихијно се одвиваат работите, односно само е важно да се изградат згради без разлика дали исполнуваат и други урбанистички параметри. Зградата е на несоодветно место со несоодветна висина и квадратура. Според закон треба да ги исполнува условите и само на тој начин да добие Одобрение за градење. Тоа значи, организирано паркирање во рамки на сопствената парцела, како за тие 248 стана од зградата (правилникот вика 1,5 паркинг места), така и за локалите, трговските единици од приземјето (1 паркинг место на 70 квадрати вкупно изградена површина), за кои треба да се обезбеди паркирање. Тоа, очигледно, не е направено“, посочува таа.

Поглед од некогашниот зелен простор кон зградата на „ЗСФ-КОМ“

Проблемот би станувал се’ поголем со тоа што во непосредна близина е спортската сала, за која вели дека има несоодветен број паркинг места согласно намената. Исто така, го споменува конкурсот за Градска болница на местото на Мајчин дом, кој спектакуларно бил прикажан како решение за да се тргне гужвата од центарот на Скопје.

„Се’ е тоа во ред, но не на сметка на гужва на друго место. Во овие услови како функционира тој простор таму, а функционира лошо, во ситуација кога градската болница не е изградена, кога во спортската сала за жал немаме случувања, во овој момент најголем проблем прави зградата. Затоа, урбанизмот постои, урбанизмот е тој што ги предвидува проблемите и ги решава за да не настанат. Бидејќи кај нас урбанистичко планирање не постои, туку само исцртување површини за згради и додавање квадратури и спратови, ова ни се случува секојдневно и секаде“, забележува Раѓеновиќ Јовановиќ.

„Само кај нас паркирањето се третира како право“

Андреа Јанков, магистер инженер архитект, е на ставот дека само кај нас паркирањето се третира како право, иако реално е само потреба за времено одлагање на патничкото возило.

„Па така, во зависност од кога датираат деталните урбанистички планови, односно по кој правилник се изработувани (правилниците и законот за градење се менуваа повеќепати во последниве 10 години), се зема 1 паркинг место на стан во централно градско подрачје, 1 место на стан за станови до 50м2, 1,2 од 50-90м2 и 1,5 за станови над 90м2 (по стари правилници, но важечки ДУП-ови) или на 80м2 станбен простор по 1 паркинг место колку што изнесува по важечки правилник. Истите, во општите и посебните услови дадени според урбанистичкиот план, може да се решаваат во рамки на локацијата, или делумно или целосно да е назначено дека се обезбедуваат на јавен паркинг во непосредна близина. Оние кои се наоѓаат во рамки на објектот, односно најчесто во подземните нивоа или приземјето, се впишуваат во имот лист како паркинг места или гаражи и инвеститорот може да ги продава. Оние кои се решени во партерот на локацијата се заедничка сопственост на зградата. Паркинг местата кои се дедицирани како општински паркинг места служат практично само за да се исполнат условите за објектот, и никој не гарантира сопственост, односно таму станарите паркираат врз основа на месечен закуп“, објаснува тој.

Во случајот со парцелата со зградата на „ЗСФ-КОМ“ на ДУП И10, зад објектот има „паркинг 14“, за кој вели дека најверојатно е измислен за да ги задоволи потребите на возила кои несоодветствуваaт во рамки на локацијата.

„Но, без увид во општите и посебни услови, односно текстуалнито дел од ДУП-от, кој патем општините не го објавуваат, туку само графичките прилози, не можам со сигурност да тврдам дали е таков случај“, посочува Јанков.

Во секој случај, нагласува тој, рамислувањето во правец на нужност на обезбедување простор за паркирање е едноставно погрешен.

„Паркирањето не е од бога дадено право. Едноставно, ако нема паркинг место во склоп на објектот, ниту во негова близина, станарот треба да се помири со фактот дека нема каде да го одлага автомобилот, и треба да се запраша дали треба да го поседува. Односно да се одлучи дали сака да живее во зграда, па и населба каде нема можност за паркирање, и да користи алтернативен транспорт, во вид на велосипед или јавен транспорт, или да одбере да живее на друго место каде има можност за паркирање?“, вели Јанков.

Развојот на градовите и населбите треба да се гледа токму во тој правец, да се планираат населби во пешачки зони, смета Јанков, каде единствен пристап за возила би бил за амбуланто, проотивпожарно или полициско возило. Самите станари да избираат дали сакаат да живеат во анторпоцентрични или автоцентрични населби.

„Дополнително, сметам дека не треба да има можност да се регистрира возило без да се прикаже каде истото се паркира, односно дека сопственикот има личен или закупен паркинг простор на годишно ниво, со доказ во вид на имотел лист или договор за закуп. Со тоа ќе се регулира метежот на улиците, ќе се намали бројот на автомобили и ќе се стимулира јавниот транспорт. Нормално, како дополнителна мерка е потребно истиот тој јавен транспорт да се подобри. Конкретно во Скопје автобуските линии на ЈСП се речиси непроменети од 1983 година, а конфигурацијата на градот, густината на населениоето, па и демографијата е речиси целосно сменета. Јавниот транспорт во целост не одговара со реалните потреби“, констатира Јанков.

Бојан Шашевски