Случајот со најавената зграда кај Мајчин дом повторно се актуелизираше откако деновиве на местото се појави механизација. Аеродромци се загрижани, а преку социјалните мрежи за 9 март (петок) од 17 часот најавија настан „Со фудбал до позелен Аеродром“, како револт против можноста да никне огромна зграда врз постоечкото зеленило.
„Afterwork забава за сите оние кои навистина се грижат за својата општина. Идејата е преку фудбал да го изразиме нашиот револт против уништувањето на зеленилото пред Мајчин дом. Добредојдени се сите кои сакаат почиста и позелена општина“, стои во најавата за собирот.
Градоначалникот на Аеродром, Златко Марин преку Фејсбук напиша дека и покрај реакциите и неговите лични заложби во април 2017 година парцелата пред Мајчин дом да не стане градежно земјиште, сепак, вели тој, Деталниот урбанистички план И10 (за Острово до Мајчин дом) бил донесен од претходното раководство.
„Парцелата е приватна сопственост и сопственикот има право самостојно да врши истражувања на земјиштето тука. Општина Аеродром се уште нема добиено никакви барања во однос на таа парцела. Во моментов ги разгледуваме сите можни правни механизми за излез од оваа ситуација и наскоро ќе излеземе со повеќе информации за случајот“, напиша Марин.
Инаку, низ 2016 и 2017 година се одржуваа протестни собири, а граѓаните бараа зеленило и воздух наспроти најавената урбанизација преку ДУП-овите. Се случија и тензични презентации на ДУП И10. Раководните лица од Аеродром во претесниот општински простор во ТЦ „Скопјанка“, по жестока расправија повикаа полиција, а на другиот собир беше одземен телефонот на Радио МОФ, додека го стримавме настанот во живо. Граѓаните беа во недоумници дали, каде и кога би се овозможила изградба на 10-ина потенцијални објекти низ Острово и Мајчин дом.
Марин тогаш беше претседател на Општинска организација на СДСМ во Аеродром. Како опозиционер го обвини екс градоначалникот Ивица Коневски дека ненајавено, без дебата, го изгласале спорниот ДУП. Побара повлекување на планот и истовремено праша дали зад деветкатницата кај Мајчин дом стои Орце Камчев, преку фирмата-сопственик на парцелата, „Масив констракшн“.
Коневски, пак, негираше дека е незаконска реализацијата на ДУП И10. Обвини дека СДСМ стои зад протестите на аеродромци.
И „Орка Холдинг“ се јави за случајот тврдејќи дека наводите изнесени од Марин, но и граѓанската иницијатива „Сакаме Аеродром да дише“ се неточни.
„Орка холдинг преку една од своите ќерки фирми поседува удел од 20 отсто во фирмата ‘Масив констракшн’. Ниту ‘Орка холдинг’, ниту која било од нејзините ќерки компании никогаш не подигнале кредит на тоа земјиште и никогаш не го заложиле под хипотека“, рекоа лани од компанијата во однос со локацијата кај Мајчин дом.
Б.Ш.