Аеродромци: Зграда кај Мајчин дом не смее и не може да има

Нас како граѓани единствено ни е важна општината Аеродром. Нашите барања како граѓани и ставови се јасни и гласно кажани на Општината, а дел од нив и гласно ветени од сегашниот градоначалник Златко Марин. Инвеститорот не е надлежен за нивно исполнување, а и невозможно е да се бара од нас да имаме емпатија кон него, знаејќи ги нашите ставови уште од 2016та, велат од иницијативата Го сакам Аеродром, откако бизнисменот Фатмир Етеми, инвестирот на спорната парцела кај Мајчин дом, повика граѓани на разговори и потврди дека висококатницата ќе се гради.

Од иницијативата велат дека средбите со инвеститорот сепак ги препуштаат на Општината. Чии интереси ќе преовладаат, граѓанските или на инвеститорот, велат тие, ќе покаже времето.

„Да потсетиме: ставот на граѓаните на Аеродорм, не само на оние кај Мајчин Дом, туку на апсолутното мнозинство на населбата, е јасен повеќе од две години – зграда таму не смее и не може да има. Време е законите и сите акти кои произлегуват од нив, со акцент на урбнистичките правилници, да се преработат и усогласат со правецот кон кој цели ова граѓанско општество – транспарентни процеси од самиот почеток на планирање, па се до вклучување на граѓанскиот сектор во носењето одлуки и креирањето на јавните политики по принципот на одржлив равој. На овој начин не бива веќе, а обидите на мaлициозно криење зад ‘законите, правата и правдата’ како и обидот по секоја цена да се деградира и уцени ставот на граѓанинот (поистоветувајќи го со политички или партиски одлуки), е во најмала рака дрско, лицемерно и недозволиво во еден демократски систем“, велат од иницијативата.

Според аеродромци, клучно е дека граѓаните се борат за сочувување на зеленилото, односно, како што велат, она видливото зеленило во Аеродром, а не само она внесено во планерските документи. Тоа им било ветено – тоа и го бараат.

„Накратко, уништувањето на Аеродром кој поседува и конечни детални планови, создадени во време на урбанизам, стариот добар урбанизам, кој претставува еден школски пример за квалитетно планирање, мора да запре – ова е конечниот став на граѓаните од Аеродром! Да ги зачуваме (видливо) зелените површини во Аеродром“, потенцираат од Го сакам Аеродром, иницијатива поддржана и од неколку други иницијативи – Стоп на загадувањето, Стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче, О2 Коалиција за чист воздух, Скопје Дише, Сакаме Аеродром да дише.

Спорната парцела кај Мајчин дом

Инаку, бизнисменот Етеми од фирмата „ЗСФ-Ком“ тврди дека процесот за објектот не може да се сопре, откако бил инициран преку ДУП И10 уште од претходното раководство, а од новото има добиено одобрение за градба. Уверува дека зградата ќе биде енергетски ефикасна, со вертикално и хоризонтално зеленило, посебен систем за одржување, за што ќе бидат вложени еден милион евра.

Исто така, тврди дека ќе има повеќе зеленило од сегашното, нов паркинг на парцелите околу, а габаритот на деветкатницата е намален и не ги искористува максималните параметри од ДУП-от.

Општина Аеродром, пак, соопштија дека се уште течат разговори за да се најде решение во интерес на граѓаните. Тврдат дека и градоначалникот Марин останува на ставот дека тука не треба да се гради, а во изминатите две недели заедно со другите институции и Град Скопје се разгледуваат сите можни опции, меѓу кои и  решение надвор од територијата на Аеродром.

Според општинарите, проблемот е што минатото раководство на Аеродром и измената на ДУП-от и големата маркица за градба, и со тоа цената на земјиштето вртоглаво пораснала.

„Сега, во Аеродром немаме ни одблиску друга соодветна парцела која може да ја замени оваа. Со носењето на ДУП-от нанесена е огромна штета и ја доведува општината во оваа незавидна позиција. Во однос на втората можност е да се направи обесштетување, се прават процени и во општината  и кај самиот инвеститор. Од досегашните анализи, сумите се огромни. Само за трошоците за земјиште и комуналии треба да му се вратат околу 5,5 милиони евра. Дополнително, инвеститорот ќе бара оштета за досегашни инвестиции, за одржување и кредити кои според информациите кои тој ги пласира во јавноста се многу високи. Доколку се оди во насока на обештетување, инвеститорот би можел да побара сума и двојно поголема од првичните 5,5 милиони евра. Ова би значел комплетен крах на буџетот на општина Аеродром и огромни штети за граѓаните на нашата општина. Ваквото решение би бил многу неразумно бидејќи ќе се доведе во прашање реалзицијата на сите проекти, но и тековното работење“, истакнуваат од Општина Аеродром.

Во меѓувреме, велат од таму, општината е во исчекување на одлуката од Уставен суд, каде се поднесени 13 претставки за ДУП И10, што ја опфаќа парцелата кај „Мајчин дом“.

Б.Ш.