Аерозагадувањето поврзано со посериозни ментални нарушувања, покажува нова студија

Изложеноста на загадување на воздухот е поврзана со посериозни ментални нарушувања, покажа новата најсеопфатна студија од ваков вид.

Истражувањето, во кое беа вклучени 13.000 луѓе во Лондон, покажа дека и релативно мало зголемување на изложеноста на азотниот диоксид води кон зголемување од 18% за ризикот за болничко лекување, пренесе Гардијан.

Истражувачите велат дека наодите веројатно важат и за други градови во развиените земји, а намалувањето на загадувањето на воздухот може да биде од корист на милиони луѓе.

„Аерозагадивањето може да се промени и тоа во голема мера, преку намалување на изложеноста на населението. Знаеме дека постојат методи што можат да се користат, како што е проширување на зоните со ниска емисија на штетни гасови. Интервенции врз ментално здравје на индивидуално ниво се всушност доста тешки“, вели Џоан Бубери, од Универзитетот во Бристол, кој бил дел од истражувањето.

За студијата, како мерка за сериозноста на нарушувањата, биле анализирани податоците за болнички лекувања или посети на локални лекари и медицински сестри. Истражувачите пресметале дека само мало намалување во некој од загадувачите  ги намалува болестите и може да му заштеди десетици милиони долари годишно на здравствениот систем.

„Нивото на загадување на воздухот во Лондон опадна во последниве години, но не постои безбедно ниво. Дури и при ниски нивоа на загадување на воздухот, можете да забележите ваков многу важен ефект“, изјави Јоанис Баколис, од Кралскиот колеџ во Лондон, кој го предводел истражувањето.

Неодамнешни истражувања покажаа дека одредени зголемувањата на загадувањето на воздухот се поврзани со значително зголемување на депресијата и анксиозноста. Исто така, го поврзаа загадениот воздух со зголемениот број самоубиства и покажаа дека проширувањето на загадените локации го зголемува ризикот од ментални нарушувања кај луѓето. Други истражувања открија дека загадувањето на воздухот предизвикува намалување на интелигенцијата и појава на деменција. Дополнително, глобална анализа од 2019 година заклучи дека загадениот воздух може да го оштети секој орган во човечкото тело.

Во новата студија, објавена во Британското списание за психијатрија, научниците процениле дека ниското ниво на загадување на урбаното население во Обединетото Кралство ќе ја намали потребата од услуги за ментално здравје за околу 2%.

„Ова е добра студија. Статистичката анализа е генерално соодветна. Преку неа се зголемува увереноста дека постои барем некој елемент на причина и последица помеѓу загадувањето и менталното здравје. Но, не е лесно за луѓето да избегнат загадување. За намалувањето на аерозагадувањето во градовите потребна е комунална акција на широко ниво“, смета професорот Кевин Мек Конвеј од Отворениот универзитет, кој исто така бил дел од истражувањето.