АЕТСМ: 63.5% од интернет корисниците направиле онлајн нарачки во 2024 година

Во последните 12 месеци, 63.5% од македонските интернет корисници нарачале или купиле стоки или услуги преку интернет, што е зголемување во споредба со истиот период минатата година за 10%, соопшти денеска Асоцијацијата за е-трговија (АЕТСМ) по анализа на податоци од Државниот завод за статистика.

Македонците како и во минатите години, најмногу купувале облека, вклучително и спортска облека, чевли или додатоци, на пример чанти и накит, посочија од АЕТСМ кои додадоа дека тоа што е позитивно и се забележува е порастот на онлајн нарачките кај повеќе категории.

Оваа година, 90.2% од домаќинствата имале интернет пристап наспроти 88% во истиот период минатата година, додека 91.2% од Македонците на возраст од 15-74 години користеле интернет наспроти 85.3% во истиот период минатата година, велат од АЕТСМ. При тоа, 92.2% од мажите користеле интернет наспроти 90.2% од жените во истиот период.