Протечени документи од Американското биро за следење финансиски криминал покажуваат дека најголемите светски банки дозволувале перење на криминални пари низ светот.
Се работи за нешто повеќе од 2.600 документи во протечувањето кое медиумите го нарекоа ФинЦЕН документи. Во нив сомнителни се преку 200.000 финансиски трансакции, во кои се свртени 2 билиони долари помеѓу 1999 и 2017 година преку повеќе глобални финансиски институции.
Се работи за некој од најдоверливите документи на банките во кои тие пријавуваат сомнителни однесувања на нивни клиенти, но тие не се никаков доказ за криминал или неправилности.
Во најголемиот дел од документите фигурира германската Дојче Банк, за која Базфид пишуваат дека служела како главен извор за перење пари на криминалци, терористи и трговци со дрога.
Документите покажуваат дека вмешани во перење на пари биле и ЏП Морган Чејс, Стандард Чатерд, британската ХСБЦ и Банката на Њујорк Мелон, кои дозволувале да се движат десетици и стотици милиони криминални долари.
Документите покажуваат и како руските олигарси ги користеле банките за да ги избегнат санкциите преку кои тие требало да се оневозможат да ги подигаат своите пари на Западот.
Документите биле доставени до Базфид Њуз, а потоа биле споделени со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари кои ги дистрибуирале до 108 различни новински организации во 88 држави. Стотици новинари претходниов период ја проверувале оваа техничка документација и откривале активности кои банките не сакале јавноста да ги знае.
Ова е последен во серијата на протечени документи последниве пет години во кои беа откриени тајни договори, перење пари и финансиски криминали.