Потврдено е првото име од програмата на „Оффест 2019“ – африканска дива Фатумата Дијавара.
Според „Оффест“, се работи за една од водечките и најекспонираните претставнички на модерната африканска музика, која со гордост го почитува и негува богатото музичко наследство на Мали и воопшто Африка, но со сопствена визија за иднината, оригиналност, инвентивност и подготвеност за експериментирање.
„Нејзиниот спектакуларен деби албум ‘Fatou’ (2011) ја лансираше како една од најатрактивните и највозбудливите нови ѕвезди на африканското музичко небо. Вториот албум ‘Fenfe’ (2018) само ги потврди нејзините несомнено високи артистички, композиторски, пејачки и свиречки квалитети и го зацврсти статусот на една од најхаризматичните појави на африканската музика денес. Иако млада, таа веќе има соработувано со некои од најзначајните имиња на современата музика: Херби Хенкок, Боби Вумек, Пол Макартни, Дејмон Албарн, Роберто Фонсека, Амаду и Мариам, Уму Сангаре, Тумани Дијабате и други. Позната е и по своите улоги како актерка во неколку филмови (меѓу кои наградуваниот ‘Тимбукту’), но и по својот општествен ангажман и активизам“, соопштува „Оффест“.
Концертот на Фатумата Дијавара во Скопје е закажан за 5 јуни, а информациите за местото на одржување и билетите ќе бидат објавени дополнително.