Активистите за климатски промени од земјите во Африка кои се најпогодени од кризата со глобалното затоплување се борат да добијат пристап до преговорите за климатски промени на Обединетите нации што треба да се одржат во ноември во Египет.
Климатскиот самит КОП27 што е наречен и „Африкански самит“ годинава може да се одржи и без африканските активисти кои секојдневно се залагаат за пределите уништени од сушата, поплавите и проектите за фосилни горива, пренесува „Гардијан“.
Стотици луѓе во Африка оваа година починаа од бројните поплави и лизгање на земјиштето во Нигерија и Уганда, а 37 милиони луѓе се соочуваат со глад по четирите последователни суши во североисточниот дел од континентот. Африка е континентот што има најмал придонес за кризата климатски промени, а е најпогоден од последиците.
И покрај тоа, само 20% од активистите имаат обезбедено акредитации за присуство на настанот, а само неколку од нив имаат средства да ги покријат патните и режиските трошоци. До одржувањето на големиот климатски самит има само 30 дена, а засега е познато дека од Египет, Бурунди, Демократската Република Конго, Мали, Танзанија, Мароко, Чад, Јужна Африка, Бенин и Сомалија нема да учествува ниту еден активист.
„Имам глас, и ја сакам привилегијата да зборувам. Покрај тоа што самитот е наречен ‘Африкански КОП’, ние се соочуваме со сериозен предизвик за тоа што повеќето од земјите погодени од климатските промени нема да имаат свој претставник на преговорите“, изјавил Гуднес Диксон, климатски активист од Нигерија.
Активистите сметаат дека треба да ги притиснат политичарите за да ги финансираат загубите и штетите и да спречат ширење на потрошувачката на фосилни горива.
„Животите на домородното население вредат. Ако оди Кока-Кола, мора да н слушнат и нас. Морам да бидам таму“, изјавила активистката Ина-Марија Шиконго.
Климатските активисти бесни што Кока-Кола е спонзор на КОП27