Со 76 гласови „за“ и 6 „против“ Африм Гаши од коалицијата „Вреди“ е избран за нов претседател на Собранието на Македонија.
Против изборот на Гаши гласаа пратениците на Левица по што ја напуштија собраниската сала, додека пак пратениците од коалицијата „Европскиот фронт“ предводена од ДУИ не беа присутни во салата.
Во неговиот говор, откако беше избран за претседател на законодавниот дом, Гаши истакна дека ќе се погрижи да овозможи на секој пратеник да му се гарантира право на изразување.
„Мојата единствена припадност ќе биде ниту еден пратеник да не биде дискриминиран“, рече Гаши.
Гаши е поранешен претседател на партијата Алтернатива која е дел од коалицијата „Вреди“. Тој беше предложен за претседател на Собранието со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.
Во Собранието, претходно во рамки на конститутивната седница беше усвоен извештајот на Верификационата комисија и со тоа беа верифицирани мандатите на 118 пратеници.
[Инфографик] Една третина жени и само двајца млади во новиот состав на македонското Собрание