Агенцијата за млади и спорт (АМС) се најде на дното на листата македонски државни институции по бројот на документи и информации од јавен карактер на нивните интернет-страница кои се обврзани да ги објават, покажува мониторингот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Со само 18 бодови од максимални 52, АМС се најде на 115 место од вкупно 120 државни институции опфатени со мониторингот. Истовремено кај оваа институција изминатава година се забележува намалување на транспарентноста за 3,5 бодови во споредба со лани.
Цел на мониторингот биле 22-те категории на информации, согласно член 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и нивното доследно објавување на веб страните на имателите на информации. Во тие категории се наоѓаат податоци од адреси, телефонски броеви и мејлови на институциите, па до објавените закони, правилници, стратегии, годишни буџети, ревизии и огласите за јавни набавки.
Покрај АМС уште осум други институции се сместени во категоријата „многу ниско ниво на транспарентност“. Најмалку бодови, само 1, има Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во РСМ, а на дното на листата се и Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Бирото за метеорологија, Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Агенцијата за разузнавање.
Од 120-те анализирани институции, само 25 имале повеќе од 40 бода, односно влегле во категоријата „високо ниво на транспарентност“. На врвот за 2022 година е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со 49,5 бодови, додека на првите пет места се уште и Министерството за одбрана, Министерството за финансии, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Државниот пазарен инспекторат.
„Агенцијата спроведувајќи го мониторингот утврди дека имателите може и треба да се подобруваат на планот на проактивност кон граѓаните и информациите кои ги публикуваат да ги поставуваат во посебен банер/линк под наслов ЛИСТА НА ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР на почетната страна од веб страниците. На тој начин, документите ќе бидат достапни до барателите, а ќе се намали и бројот на барања по слободен пристап до информациите од јавен карактер. И во иднина, на обуките кои Агенцијата континуирано ги организира за службените лица кај имателите на информации ќе стави акцент на активната транспарентност и доследната примена на членот 10 од Законот за СПИЈК, бидејќи на тој начин имателите им помагаат на граѓаните подобро да го разберат функционирањето на институциите, нивните права и обврски, начинот на којшто можат да влијаат врз донесувањето на одлуките што се рефлектираат врз нивното секојдневно живеење и работење, како и полесно да им пристапат на услугите што им ги нудат институциите од централната власт“, велат од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Целиот извештај од мониторингот можете да го прочитате на следниот ЛИНК.