Според агрометерологот Ангелко Ангелески од Управата за хидрометеролошки работи, климатските услови се причина за сушењето на палмите, објави Мета.
„Почвените услови ги исклучувам бидејќи ние имаме разноликост на почвени типови на кои би можеле палмите да успеат. Но проблемот настанува со климатските фактори. Тоа се тропски растенија и самото име кажува дека треба да бидат во тропските подрачја, сите тие бараат одредени температури. Кај нас ниту температурите во зима ниту во лето им одговараат“, вели Ангелески.
Проектот на актуелната влада за садење на палми се спроведе преку ЈП „Македонски шуми“ и „Паркови и зеленило“. Освен во Скопје, палми се насадија и во Охрид, во Дојран, во Струга, во Преспа, во Прилеп и во Гевгелија. Вкупно 500. Исто како и во Скопје, и во Охрид е најавен специјален тим од инженери од ЈП „Паркови и зеленило“ за да пребројува колку од нив преживеаја после две зимски сезони.