Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) уништи 8.700 килограми небезбедна храна, по вонредните контроли кои ги спроведе од 16 до 19 јули во хотели, ресторани, времени кетеринг објекти, месарници и маркети во туристичките центри Дојран, Охрид, Струга и Преспа.
Со контролите се проверувала имплементацијата на добра производствена и хигиенска пракса (ДПП/ДХП) базирана на НАССР принципите, инфраструктурните услови во објектите, а се спровеле и контроли на активностите согласно регистрацијата на операторите со храна. Во услови на високи надворешни температури, од АХВ велат дека акцент со контролите бил ставен на условите на чување и складирање на производите и роковите на употребливост на храната.
„Со вонредните контроли во овие четири туристички центри опфатени беа 112 објекти – оператори со храна. Изречени беа 54 глоби на 54 оператори со храна, од кои на 8 оператори со храна им беше изречена забрана за работа до отстранување на констатираните недоследности. Со контролите утврдено беше неисполнување на општите и посебните хигиенски барања во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храна, неимплементирање на сите процедури на ДПП/ДХП базирани на НАССР принципите, храна со поминат рок на употреба, промет на храна без декларација и означување согласно Законот за безбедност на храна и подзаконските акти според кои ваквите производи се прогласуваат за небезбедни за човечка употреба и нештетно се уништуваат“, пишува во соопштението на АХВ.
Инспекторите за храна и официјалните ветеринари констатирале и работа на објекти, односно оператори со храна кои не се регистрирани или одобрени за работа од АХВ, по што изрекле мерки забрана за работа, а затекнатите производи биле забранети за промет и нештетно уништени.
„Утврдени беа и лоши инфраструктурни и хигиенски услови во кујните, производствените простории, за што некои оператори добија времена мерка забрана за работа“, додаваат оттаму.
Во наредниот период, од АХВ најавија дека ќе продолжат со спроведување вонредни контроли и во другите туристички центри, а поради високите температури, додаваат дека на сила останува мерката за засилени контроли кај операторите со храна на целата територија на Македонија.