АИЕСЕК продолжува со промоција на волонтерските пракси чија таргет група се сите студенти во Македонија. Во моментов студентите аплицираат за „winternships“ пракса, при што најзначајна во однос на општествените прашања е Global Citizen – глобалната програма за општествен развој. Оваа пракса им овозможува на младите да ги развијат и надградат своите лидерски вештини и квалитети преку волонтирање на проекти во странство кои ги засегаат проблемите во општеството.
За таа цел, можат да волонтираат во областа на: образованието, здравјето, животната средина, општествениот развој при што се покриени трошоците за сместување, а во зависност од праксата и храна. Работејќи на овие проекти во времетраење од 6-8 недели, практикантите наоѓаат начини за решавање на важни социјални прашања кои ќе резултираат со подобра, одржлива и здрава иднина, притоа минувајќи низ процес на културен шок и уникатно искуство во земји како Русија, Турција, Тунис, Црна Гора, Украина, Филипините, Романија и многу други..
Сите волонтерски проекти кои се одвиваат во АИЕСЕК земјите можат бесплатно да се пребаруваат на вебсајтот internships.aiesec.net , каде што според сопствените преференци може да се одбере оној проект кој најмногу му одговара на самиот волонтер.
Како најголема студентска организација во светот, постоејќи во над 120 земји, АИЕСЕК претставува можност за сите студенти да направат нешто ново, поразлично од сето она што го правеле дотогаш. Преземајќи предизвици, тие имаат шанса да влијаат на општеството и да направат позитивна промена, а со тоа и да се изградат себеси како смели личности кои преземаат иницијативи. Интернационалното мултикултурно искуство, личниот и професионален развој, остварувањето контакти и пријателства, нови перспективи и погледи, водат кон едно глобално гледиште– она што треба да го карактеризира еден студент.
АИЕСЕК програмите се: Global Internship Programme (програма за професионални пракси), Global Community Development Programme (програма за волонтерски пракси) и Leadership Programme ( програма за развивање на лидерство, односно самото членство во АИЕСЕК). АИЕСЕК Македонија брои члентво над 200 млади студенти кои активно работат на програмите за размена, проекти и активности кои се наменети за подобрување и решавање на проблемите со кои се соочува македонското општество.