Кон крајот на јануари, 2018 година, Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“ ќе имплементира програма за учење преку практични примери и демонстрации која ќе ги насочува учениците од средното стручно образование за Целите за одржлив развој.
Со зајакнување на нивните претприемнички вештини, учениците во иднина ќе бидат подготвени да отворат „зелени работни места“. Оваа програма ќе трае 6 месеци и ќе се оствари во две средни стручни училишта во Скопје.
„Визијата со која тргнува овој проект е – Што помалку отпад од храна во Македонија. Сознанијата говорат дека во нашата земја има вишок безбедна храна која може да се реупотреби, рециклира и да се постапува со неа правилно“, велат од „Ајде Македонија“.
Со програмата, ќе се работи на зголемување на свеста на младите за постоењето на Целите на ОН за одржлив развој, а темата „отпад од храна“ во контекст на Македонија ќе ги вклучи и чекорите што треба да се направат за решавање на овој тип проблем.
Ученичкиот ангажман ќе се фокусира не само на еколошките, социјалните и економските придобивки од спречувањето на отпадот од храна, туку уште поважно – ќе им се обезбедат можности за развивање на вештини за начините на сопствено планирање и водење на бизнис, воедно следејќи ги зелените принципи.
Овој проект се реализира со поддршка на СЕЕДЛИНГ Програмата, што ја спроведува Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (REC) во рамки на проектот: „Воведување на Целите за одржлив развој во училиштата од Југоисточна Европа – СЕЕДЛИНГ“
Програмата се финансира од Австриската развојна агенција (ADA), оперативната единица на Австриската соработка за меѓународен развој (ADC).