„Ајде Македонија“: Неформалните собирачи се најефективни селектори на отпад, да ги вклучиме во одржлив систем

Отпадот е голем еколошки проблеми. Годишно од домаќинствата се генерираат околу 800.00 тони отпад, само во Скопје околу 250.000 тони. Околу 25% од домаќинствата воопшто не се опфатени со систем на собирање на отпад. Состојбата со депоните е незавидна – од 54 депонии, само „Дрисла“ исполнува минимални стандарди. Ниски се процентите на примарна селекција, рециклирање и други форми на преработка на отпадот. Во целава ситуација, најефективни селектори се неформалните собирачи на отпад. Собираат некаде 80% од амбалажниот отпад во Македонија, па нужно е нивно вклучување во формален одржлив систем кој би им обезбедил подобар квалитет за живот преку вработување, здравствено и социјално осигурување, образование за децата, но и безбедност при работа.

Блаже Јосифовски од „Ајде Македонија“ за Радио МОФ вели дека отпадот од пакувањето е еден од наjвредните видови на отпад. Изнесува 15-22% од вкупните количини на комунален отпад. Во Македонија се создава во просек околу 50 килограми по жител годишно отпад од пакување или околу 115.000 тони. Најголемиот дел од отпадот од пакување претставува ресурс со економска вредност на пазарот.

Оттука, потенцира Јосифовски, за собирање и селекција на отпадот значајно е учeството на тн. неформален сектор – оние собирачи кои не се организирани, поддржани, признаени, оданочени и мониторирани од официјалните власти задолжени за управувањето со отпадот во државата. За разлика од поразвиените земји, во Македонија не постои форма на нивно официјално организирање.

„Неформалните собирачи се без првични средства, селектираат од места каде претходно не е селектиран отпад, голем број немаат услови за транспорт, директно од канти се собира, дури и пешки одат со амбалажите со километри… И покрај сето ова, пак успеваат да бидат најдобри селектори. Засега собираат 2 проценти од вкупниот комунален отпад во Македонија, што е навистина голема бројка. Мислам дека има потенцијал дупло да се покачи процентот. Доколку ‘Комунална хигиена’ ја врши истата услуга, дури и да биде во посебни садови, ќе биде многу поскапо поради што се употребуваат камиони, а неформалните собирачи се возат главно на велосипеди, што е и поеколошка и поефтина варијанта“, укажува Јосифовски.

Сепак, постојат реални проблеми за остварување на ваквите замисли. Јосифовски потенцира, главно се работи за собирачи со низок степен на образование. Нивните вештини не соодејствуваат за живот во модерно општество, немаат познавање како правно да завршат работа, како функционираат институциите итн.

„Оттука, потребно е некој од надвор да им помогне и да ги организира. Ние преку истражувањето предложуваме три модели – кооператива, јавно-приватно партнерство или преку социјално претпријатие кое може да го организира и невладина организација“, вели извршниот директор на „Ајде Македонија“.

Моментално само 20 проценти од собирачите земаат социјална помош, вели тој, додека здравственото им е 70%. Смета треба да им биде загарантирано, бидејќи се плашат да не ја изгубат социјалната помош и не се охрабруваат на понатамошни чекори.

Истовремено, државата треба да помогне со инфраструктура. Во смисла на простор за опрема за пресување на отпадот, за сецкање…

Блаже Јосифовски од „Ајде Македонија“

„Да се инвестира во некаква опрема со која ќе може да го тераат целиот процес, зошто вака единствено земаат пари за собирање по 10-13 денари (од килограм). Меѓутоа, сецкана пластика стигнува до 60 и плус денари на кило, а нив им се плаќа по 10 денари за амбалажи. Во суштина, сето паѓа на нивен грб бидејќи се немоќни, не се здружени, немаат силна преговарачка позиција во откупувањето на отпадот“, наведува Јосифовски.

За Скопје, според размислувањето на „Ајде Македонија“, собирањето би се изведувало преку неколку мали претоварни станици. Една во Аеродром, Карпош, Центар, Кисела Вода итн. Собираниот отпадот би го носеле во станици, а потоа камион да поминува и ги носи до главна локација со машини.

„Да има барем мала преработка. Преработените количини понатаму да се продаваат на други правни субјекти, а парите да се користат за плати, или пак дополнителни услуги. Како и да е, со формализацијата нема да мораат децата да не работат по улица. Да имаат доволно приходи да можат да одат на училиште, а они да имаат доволно приходи да ги издржуваат. Бидејќи, реално мислам дека со формализација на собирачите нема да имаат вкупни приходи под 17-18.000 денари месечно. Тоа е во ред во однос на минималните плати“, смета Јосифовски.

Целта е со време да се погдне свеста кај сите. Вклучително и кај институциите. Странски донации се добредојдени, додека државата истовремено би сменила одредени политики, во смисла да ја признае професијата на собирачите. Со професијате би следувале одредени бенефиции, кои би носеле своја одговорност. Децата да мораат да станат дел од формалното образование, земејќи предвид дека 89% од децата на неформалните собирачи не одат на училиште.

„Од една страна ќе дадеш, но и ќе бараш нешто за да добиеш ефективност, за да се создаде механизам“, нагласува Јосифовски.

Постојат повеќе опции, различни размислувања, но самиот смета дека отпадот треба да се собира од врата до врата, бидејќи друга форма која ќе се одвива надвор создавала проблем (пример, пред неколку години со обидот да се внесат во формалниот систем се појавија конфликти меѓу самите собирачи за територии на дејстување).

Според него, не можеш туку така да се формализираат собирачите. Дури 3.000 луѓе секојдневно живеат од ова, а до 5.000 достагнува бројката на оние кои во текот на годината, покрај сезонска работа, имаат приходи и од собирање амбалажи.

„Најдобро е од врата на врата, бидејќи има и доволно отпад. Реално можа да се собира и користено масло кое достигнува и до 20 денари литро, потоа и хартија… Нормално, во сето тоа треба поддршка за механизација. Дозволи за собирање и транспорт. Претходно имаше добри идеи околу оваа проблематика, но беа занемарени културолошки и социјални аспекти. Не можеш единствено да им наложиш да земаат плата, и така ќе живеат од месец за месец. Имаат различни работни навики, начини на заработка. Треба да се прилагоди системот на собирачите, а не обратно“, смета Јосифовски.

Сепак, пред да се размислува за покрупен зафат на организирање, за социјално претпријатие, потребни се ситни чекори.

„Пример, со иницијативата со капачињата, тоа е најмалиот чекор што граѓаните можат да го направат, буквално да мрднат со прст. Им треба минимален мотив. Да се направи поголема база на отпад која собирачите понатаму би го приземале, за да има економска логика“, констатира извршниот директор на „Ајде Македонија“.

 

Бојан Шашевски