АЈДЕ – Платформата за граѓанска политика ги повикува граѓаните масовно да учествуваат на четвртиот протест пред зградата на Уставниот суд, во сабота во 13 часот.
„Ајде уште еднаш јасно и громогласно да порачаме дека ние граѓаните на оваа држава нема да престанеме да протестираме се додека судиите кои ја донесоа одлуката за помилување на изборните измами и други тешки криминали не си поднесат оставка.
Судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски, не само што се „гробари“ на Уставот, туку се и соучесници на власта во попречувањето на правдата. Бидејќи попречувањето на правдата е сериозно кривично дело, едногласно го поддржуваме предлогот на Специјалното јавно обвинителство, тоа да биде што е можно побрзо воведено и најстрого санкционирано и во правниот систем на Република Македонија.
Овие пет судии се само продолжена рака на партијата на власт и соучесници во изборните кражби, затоа што, причинско-последичната врска меѓу нивната одлука и случајот „Титаник“ кој го води Специјалното јавното обвинителство е повеќе од очигледна“, се вели во повикот за протестот.
Граѓани и активисти досега одржаа три протести со кои побараа оставка на судиите кои гласаа за преиспитување на уставноста на законот, кој забранува претседателот да помилува лица осудени за изборен криминал.