Ајлин и Махмуд се млади волонтери од Турција кои скоро три месеци престојуваат во Битола. Дел се од интракултурен проект меѓу двете земји кој започнал во октомври оваа година, а ќе заврши во декември. На вчерашната конференција по повод промоција на програмата Европски солидарен корпус, организирана од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Министерството за образование и наука и Владата на РСМ, гости беа и волонтерите.
Радио МОФ поразговара со нив за нивната работата и искуствата како волонтери во нашата држава.
Од каде ви е желбата да се дојде овде и да се биде волонтер?
Ајлин: Пред да волонтирам овде, веќе имав волонтирано во други градови во Турција. За мене тоа беа прекрасни искуства, а потоа сфатив дека морам да волонтирам во Европа, морам повторно да бидам дел од такви проекти, па се пријавив и дојдов овде. Многу сум среќна затоа што работам со деца, тие се прекрасни… Постојано ме гушкаат, ме поздравуваат и сакаат да се сликат со нас.
Како аплициравте за Еразмус+ програмата? Бесплатно ли се аплицира, дали трошоците беа на ваша сметка и дали сте платени за тоа што го работите?
Махмуд: Има организација од Турција која што не праќа овде, и организација-домаќин која бара волонтери. Луѓето аплицираат, а организацијата во Турција ги избира најдобрите апликации, па истите ги препраќа до организацијата-домаќин. Оттаму, организацијата-домаќин ги избира повторното најдобрите за позициите. Од Турција не испратија до „СФЕРА“ во Битола. Ни ги покриваат трошоците за сместувањето, патот и ни даваат џепарлак за храна, пијалок…
Кои се вашите задачи и вашата работа овде како волонтери?
Махмуд: Јас имам две задачи, поточно првата работа ми е како асистент по англиски во ОУ „Елпида Караманди” во Битола, а втората е поврзана со администрација во канцелариите на организацијата. Два дена во неделата работам во училиштето, а останатите три во канцеларија. Како асистент во училиштето, ги учиме учениците англиски јазик преку презентации за турската култура. Правиме многу работилници, разговараме за турската култура, јазикот, за сличностите на Турција и Македонија, за сличностите во јазикот што останале од Отоманската ера, за фолкорот, музиката… Ние уживаме да го правиме ова со учениците.
Ајлин: Јас работам со Махмуд, на истиот проект, ние сме партнери… Многу сум среќна што сум дел од овој проект овде, многу ми се допаѓа волонтерството.
Надвор од работното време, како наставници и асистенти, какви активности имавте во текот на вашиот престој во Битола?
Махмуд: Во нашата канцеларија во Битола дојдоа волонтери од други организации, од Шпанија. Организиравме вечери, разговаравме за своите култури, храна…
Ајлин: Јас им зготвив турска храна, а тие ја подготвија позната традиционална шпанска храна.
Зборувајќи вака за традиционална храна и пијалоци, дали го пробавте нашето турско кафе? Исто ли е како вашето во Турција?
Ајлин: Го пробав, но не е исто, за жал… (се смее)
Како ви се допадна Битола? Дали повторно би се вратиле во Македонија?
Ајлин: Мене навистина ми се допадна, не е голем и бучен град. Обожавам да трчам и да одам на шопинг во Битола. Ние сме многу слични народи, ми се допаѓа овде. (Кога ќе се вратам н.з.) Најмногу ќе ми недостасуваат учениците.
Александра Субашиќ