Вчера во Собранието на Република Северна Македонија беше врачена државната награда „Свети Климент Охридски“ која се доделува за долгогодишни остварувања во областа на образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес во државата.
Академикот Влада Урошевиќ, кој оваа година беше претседател на одборот за државната награда „Св.Климент Охридски”, пред присутните се обрати со говор кој ја отсликува состојбата на образованието и младите во нашата држава. Во продолжение, прочитајте го неговото обраќање:
Пред да ја исполнам пријатната должност, да им ги врачам наградите на добитниците, сакам да го искажам пред вас моето убедување, дека сите тие ги добиваат наполно заслужено, како признание за резултатите постигнати во областите во кои дејствуваат. Истовремено, сакам да изразам жалење што немавме законска можност да дадеме повеќе награди, затоа што помеѓу кандидатите имаше и други кои, исто така, ја заслужуваа.
А сега, дозволете ми да изнесам пред вас неколку куси размисли кои се однесуваат токму на областите во кои оваа висока државна награда, наградата „Свети Климент Охридски“, сака да го даде својот придонес како некој вид критериум и како некој вид истакнување на особените постигања.
Деновиве пристигна до нас поразителна вест- нашите ученици, средношколци, стојат, според покажаното знаење, на меѓународната листа некаде при дното. Од 79 земји во кои е спроведено тестирањето, нашите деца зазеле 67 место. Зад името на нашата земја има само една дузина со послаби резултати. Од сите лоши вести што во последно време доаѓаат од светот, оваа е, ми се чини, најлошата: ваквото рапидно паѓање на нивото на знаењето, во меѓународна конкуренција, за мене е рамно на катастрофа. Тоа ја отсликува нашата ситуација на многу полиња, а едното од нив е: колку малку кај нас, во оваа општа девалвација на вредностите, почнува да значи образованието, знаењето, општата култура. Несомнено е дека убедувањето за предноста на некои други начини за обезбедување егзистенција и престиж во општеството, не толку јавно промовирани, се најдоа во моралниот и интелектуалниот багаж на овие млади генерации кои веќе утре ќе застанат како чинители врз сцената на јавниот живот. Пред нас е резултат на еден став кој вели дека солидното образование не е неопходно за успех во животот. Тогаш, да се запрашаме – кој ќе седи утре во нашето Собрание, кој ќе предава на нашите универзитети, кој ќе суди во нашите судови, кој ќе лекува по нашите болници?
Тоа се надоврзува, во една доста директна линија, на она што веќе одамна не е вест – нашата млада интелигенција заминува од земјата. Илјадници млади луѓе, за чие што образование државата несомнено вложила значајни средства, се пакуваат и земаат авионска карта во еден правец. Тоа не е веќе онаа традиционална, во народната поезија опеана, македонска печалба – млад човек, штотуку оженет, оди во Цариград или во Влашко, за по десетина години да се врати со заработените пари. Сега, тоа е јасно и видливо, се заминува без помисла на враќање, засекогаш. Театарски речено: она што беше семејна драма, станува – малку патетично звучи но така е – национална трагедија.
И во двата случаја, и во овој со заминувањето и во оној со неуспехот на испитот по знаење, станува збор директно за нашата иднина. И таа иднина забрзано пристигнува. Веќе ѕвони на вратата. Не ни останува уште многу време. Треба сега, веднаш, да се запрашаме: кој утре ќе ја продолжи нашата култура, нашата наука, во чии раце ќе паднат идните ученици, студенти, читатели, слушатели, пациенти, во чии раце ќе ја оставиме државата?
Бидејќи оваа наша Македонија, и покрај сета своја чудесност, сепак не е она, познато од сказните, неисцрпно кесе со златници, од кое колку и да земате тоа толку и се полни, сегашните два милиони жители можат многу бргу да се развеат низ светот и на овие простори да остане само една затантена провинција без младост и без радост, која ќе живурка од туѓа милостина.
Јас, за жал, не можам да понудам лесно решение за овие проблеми. Но само ја чувствувам одговорноста, и би сакал и вие да ја почувствувате. И тоа да нè поттикне да ги ставиме настрана ситните политички надмудрувања кои, во отсуство на каква и да е идеологија, се претворија во чиста борба за власт, а преу неа за извори на заработка. И да ја насочиме сета енергија, онолку колку што од неа ни останало, за решавање на вистинските прашања.
Мислите ли дека на Свети Климент му било полесно кога пристигнал тука, кога се завртел наоколу и видел каква немаштија и незнаење го опкружуваат? Па сепак запнал и нешто направил – нешто што траело и опстојувало до денес како писменост, како традиција, како култура, како континуитет на духот. Ние немаме право тоа неразумно и расипикуќнички да го растуриме.
Нека ни е среќен празникот.
Академик Влада Урошевиќ
Posted by MИА.mk on Sunday, 8 December 2019