Академик Живко Попов избран за нов претседател на МАНУ

Академикот Живко Попов е избран за нов претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), откако вчера се спроведоа избори за новиот состав на Претседателството на институцијата за периодот 2024-2027 година.

Мандатот на досегашното Претседателство и на претседателот Љупчо Коцарев завршува на 31 декември годинава.

За членови на новиот состав на Претседателството на МАНУ се избрани:

  • акад. Живко Попов, претседател;
  • акад. Алајдин Абази, потпретседател;
  • акад. Витомир Митевски, потпретседател;
  • доп. член Блажо Боев, секретар;
  • акад. Ѓорги Поп-Атанасов, секретар на Одделението за лингвистика и литературна наука;
  • акад. Владо Камбовски, секретар на Одделението за општествени науки;
  • акад. Нада Поп-Јорданова, секретар на Одделението за медицински науки;
  • акад. Љупчо Коцарев, секретар на Одделението за технички науки;
  • акад. Дончо Димовски, секретар на Одделението за природно-математички и биотехнички науки; и
  • акад. Влада Урошевиќ, секретар на Одделението за уметност,
  • акад. Глигор Каневче, избран член.

Акад. Живко Попов е македонски хирург, професор и научник од областа на урологијата и медицинските науки. Роден е на 23 јуни 1950 година во Кавадарци. Има два докторати, на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1990 година и на престижниот Париски универзитет „Рене Декарт“ во 1998 година.

Тој е првиот самостоен македонски трансплантациски хирург. Под негово раководство преку 260 пресадувања на бубрези (кадаверични и од жив дарител), главно во периодот од формирањето на хируршкиот центар за трансплантација во 1996 год. па сé до 2012 година.

Во својата кариера има добиено повеќе национални и меѓународни награди, како Републичката награда „11 Октомври“ во 2000 година, Орден за придонес на француската култура и наука „Академска палма“ во 2002 година, Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје во 2007 година, како и Државната награда „23 Октомври“ за достигнувања во областа на хирургијата и науката во 2010 година.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2009 година.

На вчерашната седница беше усвоен и Четиригодишниот извештај на Претседателството за работата на МАНУ во периодот 2020 – 2023 година, соопштија од МАНУ.