Четиринаесеттото издание на „Д Фестивал“ што ќе се одржи од 28 до 30 јуни во Дојран, оваа година на посетителите ќе им понуди неколку новитети.
Имено, како што информираа од „Пасворд“, за прв пат на овој фестивал ќе почне акцијата „4+1 гратис“ која има за цел да ги мотивира сите над 30 години да присуствуваат и уживаат во музичките перформанси. Покрај тоа „Д фестивал“ овозможува и бесплатен влез за деца до 10 години.
„Д фестивал“ ја негува културата без да се врзува за возрасна граница, имаме програма наменета за средношколци, за студенти, за деца, за баби и дедовци, буквално за сите. Затоа со новата акција сакаме да инспирираме дека никогаш не е прекасно за забава, никогаш не е прекасно да се доживее ново искуство, животот не завршува на 30 години буквално тогаш почнува“, рече Рамона Моња Кочишка од „Пасворд“ на денешната прес конференција и додаде дека „Д фестивал“ е прераснат во препознатлив туристички бисер.
Како што е веќе познато на програмата на „Д фестивал“ оваа година публиката ќе може да ужива во настапите на застапничката на африканската култура Фатумата Диавара, популарниот кавер бенд „Нувел ваг“, потоа Лил Памп, бендот „Елементал“ од Хрватска, босандскиот реге-поп бенд „Зостер“, домашното рокенрол лудило „Корпорација Вагина“, а фестивалот повторно ќе биде активиран и стејџот „Shake D Lake“. Овде, во соработка со „Sure Shotz“, ќе настапуваат повеќе трапери како Хилјсон Мандела, Бакс, Ружно Паце, Бон Праскиза, Лука Чомбе, Булз, Шорти Пи, Ири Скреч, Огипилсон.
На главниот стејџ ќе може да се видат и палестинскта диџејка Сама Абдулхади, „Пич Вајс“ и „Санаториум“ , додека на „Smooth“ стејџ ќе настапува „Номад“, Ем-Си Кејн, ДемиџКонтрол, и „Црно собрание“.
На сцената „LakeAwake“ пак, публиката ќе може да ужива во настапите на диџеите Страјк, Гоце и Чваре.
Покрај „Д фестивалот“, „Пасворд“ ги организира и фестивалот „Таксират“ и ПИН музичката конференција.
Како што информираа оттаму, оваа година фестивалот „Таксират“ слави 26 години постоење и ќе започне со отварањето на ПИН Музичката конференција. Веднаш потоа ќе следи соло концертот на Апокалиптика и главната Таксират вечер на 7-ми декември.
Инаку, од оваа година официјален партнер на „Пасворд“ за организација на овие настани е МТЕЛ.
Билетите за фестивалот може да ги најдете тука.
Симона Паскоска