„Летниот семестар за студентите започна денес. Професорот што се наоѓа на американската црна листа, Кочо Анѓушев, подготви специјално предавање: Како да завршиме на американската црна листа?“, соопштуваат од Форумот за образовни промени, кои вчера направија своја симболична акција во кампусот на Машински факултет.
Целта на акцијата е да се истакне дека на Машинскиот факултет сè уште предава, како што велат, еден од најкорумпираните и најбезинтегритетни личности како Кочо Анѓушев.
„На студентите, во првиот ден од семестарот, ги потсетивме дека корупцијата не е нешто што треба да се нормализира и толерира, особено не кога доаѓа од некој кој треба да биде нивен патоказ – универзитетски професор. На деканатот на Машинскиот факултет му испративме јасна порака дека не се повлекуваме од нашето барање за разрешување на Кочо Анѓушев. Ние сметаме дека интегритетот и чесноста на еден професор се од суштинско значење, додека Анѓушев ги прекршил сите принципи“, потенцираат од Форумот.
View this post on Instagram
Според Форумот, неговото присуство меѓу професорите ги компромитира основните вредности на академскиот интегритет и ја шири културата на корупција меѓу идните генерации.
„Со заштитата на лице кое е non-grata, УКИМ дополнително го нарушува и онака нискиот кредибилитет на академските вредности во општеството“, потенцираат тие.
Исто така, преку оваа акција ги потсетуваат и надлежните институции на барањето измени во Законот за рестриктивни мерки, кои би овозможиле воведување на санкции и на национално ниво за сите што се наоѓаат на американската црна листа.
„Забраната за вработување во образовните институции мора да биде една од предвидените мерки во овој закон“, нагласуваат од Форумот за образовни промени.