Акција на „Поинаку“ низ битолските улици: „Овде имаше кеса за отпад, Панде ја изваде“

Иницијативата „Поинаку“, која има свои советници во битолскиот Совет, спроведе акција по битолските улици и стави натписи „Овде имаше кеса за отпад, Падне ја изваде!“.

Се работи за различни бандери каде иницијативата претходно постави околу 50 монтажни обрачи и кеси за отпад со логото на „Поинаку“, дополнителни покрај постоечките садови за отпад од службите. Но сега, велат тие, сите кеси се отстранети од локациите.

„Иако кесите беа прифатени од битолчани и ние редовно ги менувавме сите кеси и со сопствени средства и труд се обидуваме да ја направиме Битола почиста, на некој очигледно му сметаше и кесите беа трн во око на власта. Ви најавуваме дека ќе продолжиме со поставување на нови кеси и воедно ги повикуваме сите граѓани на Битола и правни субјекти да ни помогнат околу изработката на новите обрачи и заедно да ја направиме Битола чиста“, напишаа од „Поинаку“ на Фејсбук.

Колаж архивски фотографии со поставените кеси на „Поинаку“

Иван Чулаковски и Габрела Илиевска од иницијативата испратија и барање до ЈП „Комуналец“ да им ги вратат 47-те метални обрачи.

„За кои (обрачите) јавно преку медиуми преку Директорот Панде Богоевски ја известивте  јавноста дека сте ги тргнале од местата каде беа поставени низ Битола, бидејќи ги држите неосновано кај Вас. Апелираме до Вас добро да ги прочитате прописите на кои се повикавте и да проверите дека немате никаков основ да ги држите откако ги извадивте“, стои во дописот на „Поинаку“ до ЈП „Комуналец“.

„Поинаку“, меѓу другото, бара објаснение зошто е објавена постапка за набавка на 70 канти за ѓубре, откако тие поставиле обрачи за кеси. Исто така, зошто сите контејнери и канти немаат капаци, но и зошто се наплаќа за одржување на зеленило, иако, како што посочуваат, не се средени ниту 20% од зелените површини.

„Воедно истиве овие прашања ги упатуваме јавно до Градоначалникот на Општина Битола и до Комуналниот инспекторат, да одговорат што е преземено, а што не е и зошто не е? Срдечно Ве поздраваме сите Вас и немојте да се секирате за ништо, СЕ ЌЕ БИДЕ ОК!“, стои во соопштението потпишано од Чулакоски и Илиевска од „Поинаку“.

Претходно, на крајот на месец јули, директорот Богоевски, по одржана средба со битолските советници на кои не присуствувале оние од „Поинаку“, тврдеше дека се подготвени да им помогнат на граѓанските иницијативи. Истовремено, рече дека сите се согласиле дека „хаотичното поставување на урбана опрема не може да биде дел од организиран и интегриран систем за управување со отпад“.

„Во комуналната сфера не смее да има безредие и треба да се почитуваат одлуките што ги донеле советниците. ‘Комуналец‘ има обврска да ги реализира програмите донесени од Советот на Општина Битола“, рече Богоевски, пренесе СДК.

Бојан Шашевски