Ентузијасти од заедницата WeTalkIT создадоа веб-платформа каде што македонски граѓани може да нудат бесплатно сместување за странските навивачи за време на Суперкупот.
Платформата, насловена SuperCupSkopje.com, функционира со тоа што секој може да понуди сместување/кревет на некој од фановите преку едноставно логирање и објавување на детали за сместувањето.
„Ја поддржуваме иницијативата на неколку граѓани кои што самоиницијативно на социјалните мрежи понудија бесплатен престој и охрабруваме многу други да ни се придружат.
Ве повикуваме сите кои што сте во можност да понудите бесплатен престој, да кликнете на страната и да го направите тоа. Ве повикуваме и сите кои што не можете да го направите тоа, а сакате некако да ја поддржите иницијативата, да ја споделите веста со вашите пријатели. Поради тоа што проектот е open source, сите девелопери кои што сакаат да го подобрат сајтот се добредојдени да го направат тоа. Се надеваме дека ќе ја поправиме сликата за Скопје!“, велат од WeTalkIT .
Со логирање преку Фејсбук и праќање на и-мејл порака, гостите директно ќе може да ги контактираат домаќините, по што тие ќе одлучат дали ќе ги прифатат гостите или не.