СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, организира втора хуманитарна онлајн аукција „Акција за реакција 2“ на собрани дела од хумани автори која ќе започне од 28 февруари и ќе трае до 07 март.
„Хуманитарната аукција ја организираме во рамки на кампањата за одбележувањето на 3 Март – Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници и по повод 8ми март – Меѓународниот ден на жените. Кампањата има за цел да и обезбеди директна поддршка на нашата заедница, особено на сексуалните работници кои сè уште ги чувствуваат последиците од социо-економската криза предизвикана од КОВИД-19“, велат од СТАР.
Оттаму посочуваат дека сексуалните работници, иако се особено ранлива категорија на граѓани не беа во можност да ги користат националните мерки за намалување на последиците од КОВИД-19, бидејќи истите не нудеа соодветни решенија за потребите на сексуалните работници, а со тоа придонесоа кон нивно дополнително ограничување, осиромашување и маргинализација.
Па така, тие оваа година ги чувствуваат последиците и од енергетската криза како и раст на цените на секојдневните трошоци за живот.
„Со секое купено дело на хуманитарната аукција, ќе донирате финансиски средства кои ќе бидат наменети за поддршка на најранливите сексуални работници и нивните семејства кои се наоѓаат во неповолна економска ситуација“, нагласуваат од СТАР.
Тие ги покануваат сите заинтересирани за донирање на свои дела, но и за наддавање за помош и поддршка на сексуалните работници.
Оние граѓани кои би сакале да донираат свое дело потребно е да го инсконтактираат колективот на communications@starsexwork.org или да се јават на телефонскиот број 070/324-902, најдоцна до 25 февруари. Целата онлајн аукција ќе може да се следи на Фејсбук профилот на СТАР.
Од СТАР истакнуваат дека на првата хуманитарна аукција „Акција за реакција“ биле собрани вкупно 34.600 денари со кои биле набавени хуманитарни пакети и ваучери за помош и поддршка на најзагрозените лица од заедницата.