Повластената стапка на ДДВ-то за основните производи за исхрана се намалува од 5% на 0%, се намалува акцизата на горивата врз основа на берзанските цени, ваучери за најранливите категории граѓани, како и субвенции за цената на топлинската енергија.
Ова се дел од 26-те мерки и препораки кои денеска ги усвои Владата, поделени во две категории, односно мерки и категории за заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите и мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.
Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција посочи дека пакетот мерки се со цел ублажување на последиците од, како што рече, најголемата глобална криза после Втората светска војна, додавајќи дека во услови на пост-пандемија, се соочуваме со најголемата економска криза во поново време.
„На глобално ниво растот на трошоците на храната и енергенсите како резултат на воената агресија на Русија врз Украина го чувствуваме и ние, денес и сега. Дисбалансот на цените на основните прехранбени продукти и енергенсите не засега и нас. Ова ќе биде тешка година но со добри политики и мерки ќе ја премостиме“, рече Ковачевски.
Ковачевски ги соопшти донесени мерки и препораки за ублажување на последиците од економската криза и посебно ги образложи.
Па така, донесена е одлука за намалување на повластената стапка на ДДВ за основните производи за исхрана од 5% на 0%, а ова ќе се однесува на лебот, шеќерот, брашното тип-400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца.
Се замрзнуваат маржите на основните производи за исхрана. Со мерката се спречува наднормален профит, а ќе се влијае на ублажување на влијанието на ценовниот шок врз одбрана категорија на прехранбени производи.
Предвидени се субвенции, односно ваучери за најранливите категории граѓани за основни производи за исхрана. Ваучерите, кои би се користеле за купување основни производи се во вредност од 1.000 денари месечно за период од три месеци, за околу 35.000 граѓани.
Се намалува акцизата врз основа на берзанските цени. Преку намалувањето на акцизите, според Ковачевски дизелот би се намалил за 10.5 денари и би изнесувал 75 денари, додека бензинот наместо 91.5 денари би изнесувал 80 денари или би се намалил за 11.5 денари.
Се дава препорака за промена на методологијата за усогласување на цените на дериватите врз основа на промената на берзанските цени од неделна на дневна основа. Препораката е цените да се менуваат на дневна основа, барем во периодот додека трае енергетската криза во Европа и на тој начин да се избегнат големи ценовни промени од една до друга одлука.
Ќе се субвенционира цената на топлинска енергија. Премиерот посочи дека со мерката се овозможува континуирано и квалитетно снабдување со топлинска енергија за потрошувачите на делови од територијата на Градот Скопје.
Препорака за менување на методологијата за утврдување на цена за домаќинства и мали потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија. Под оваа препорака се подразбира нова методологија која ќе обезбеди пониска цена за електричната енергија за домаќинствата кои се најпогодени, како и за малите потрошувачи.
Се субвенционираат пензионерите. Субвенциите за пензионери се во вредност од 1.000 денари за три месеци или вкупно 3.000 денари кои би се користеле за купување на основните производи, одлука која произлезе од социјалниот дијалог кој Владата го имаше со Сојузот на здруженија на пензионери.
Препорака за општините да го реорганизираат јавниот превоз да биде достапен во корист на сите граѓани. Целта на препораката е да се обезбеди поефикасен јавен транспорт за граѓаните да можат да заштедат и рационално да ги употребуваат личните возила.
Се воведува автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји. Во однос на оваа мерка, се укинуваат царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи за сите земји.
Се пролонгира примената на повластената даночна стапка од 5% за прометот со електрична енергија кон домаќинствата. Ковачевски посочи дека како и досега, со оваа мерка се ублажува ценовниот удар од растечката цена на електричната енергија на светските берзи, и се штитиме животниот стандард на граѓаните. Повластената даночна стапка ќе важи до декември, оваа година.
Се продолжува програмата за енергетска сиромаштија. Мерката вклучува субвенции за потрошувачка на енергија за сите домаќинства, односно корисници на електрична енергија.
Се продолжува субвенционирањето на цената на електрична енергија за регулираниот пазар за домаќинствата и за малите потрошувачи. Со мерката која ќе е активна до јуни, се штитат потрошувачите во периодот на значителен ценовен пораст на електричната енергија.
Финансирање на проектите за енергетска ефикасност за општините, преку користење на поволен кредит од Светска банка, спроведен од Министерството за финансии. Со ова, ќе се овозможи намалување на потрошувачката енергија во јавниот сектор, а воедно ќе се подобри нивото и квалитетот на јавните објекти и јавното осветлување.
Програма за промоција на обновливите извори за енергија во домаќинствата за 2022 година. Средствата на оваа програма во вкупен износ од 30 милиони денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фото-напонски панели за производство на електрична енергија до 4 киловати, за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година.
Се пролонгира воведувањето на зелените давачки за деривати, односно еколошката такса за енергенти. Со оглед на големиот пораст на берзанските цени на нафтата, Владата ќе го пролонгира воведувањето на т.н. еколошка такса за енергенти која е во собраниска процедура.
Се намалува стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенсите дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан. Ваквата мерка ќе ја заштити куповната моќ на крајните потрошувачи, граѓаните, вклучително и земјоделците кои произведуваат во мал обем, односно не се регистрирани. Со намаленото ДДВ, Ковачевски вели дека практично се намалува цената на енергенсите за граѓаните, со што се заштитува животниот стандард, а преку мерката се зголемува и ликвидноста и солвентноста на компаниите.
Ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување. Со оваа мерка се ослободуваат увозниците на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување од плаќање на ДДВ при увоз на овие добра, со што се овозможува подобрување на ликвидноста и профитабилноста на компаниите.
Ковачевски, исто така ги соопшти и препораките и мерките за финансиска поддршка на компаниите преку развојната банка, па оттука, посочи дека ќе има субвенционирање на договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловните субјекти кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година. Со оваа мерка преку развојната банка ќе се поддржи ликвидноста на деловните субјекти, преку субвенционирање на каматната стапка од страна на државата.
Финансиска поддршка преку директно кредитирање од развојната банка на компаниите. Со мерката се подобрува ликвидноста на деловните субјекти преку исплата на бескаматни кредити, за обртни средства по поволни услови, а заради зголемените трошоци за електрична енергија.
Финансиска поддршка преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства. Мерката, според Ковачевски ќе значи подобрување на ликвидноста на компаниите при што владата ќе ја субвенционира каматната стапка од 3.2% до 4% годишно, а крајните корисници би користеле кредити за обртни средства без каматен трошок.
Користење на гарантниот фонд при развојната банка. Со оваа мерка ќе се издаваат портфолио гаранции за микро, мали и средни трговски друштва, индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз преку гарантирање и тоа кај портфолио гаранциите, гарантирање до 50% од кредитот доколку се работи за кредит за основни средства, односно до 80% доколку се работи за кредити за обртни средства и кај индивидуални гаранции, гарантирање до 50% од износот на кредитот.
Кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Со оваа мерка се овозможува кредитирање на компаниите за инвестирање во проекти при што ќе се издаваат бескаматни кредити до деловните банки, додека до крајните корисници ќе се издаваат кредити со каматна стапка од не повеќе од 1.6%.
Нова линија за поддршка на стопанството преку Европската инвестициона банка за зелена трансформација. Оваа кредитна линија е наменета за компаниите кои се соочуваат со енергетската криза и ќе обезбеди стимулирање на инвестиции на компаниите во обновливи извори на енергија.
Зелено финансирање преку ЕБОР, Програма на Обединетите нации за развој, комерцијалните банки. Со овој финансиски инструмент ќе се обезбеди пристап до зеленото финансирање на малите и средни претпријатија и поединци и домаќинства за инвестиции во обновливи извори на енергија и решенија за енергетска ефикасност.
Препорака за штедење и рационално користење на енергијата. Се апелира до сите институции, домаќинства и стопанството за грижливо и рационално користење на електричната енергија и енергенсите. Сите треба да сме свесни за сериозноста на ситуацијата. Дополнително, Ковачевски посочи дека ги задолжиле државните и јавните институции, да предложат сет мерки за рационализација на трошоците по овие основи, а во рамки на нивните надлежности.