„Ако се отвори рудник, ќе немаме вода за пиење. Ние сме на едно трусно подрачје, кое, никој не ни гарантира дали ќе има земјотрес, дали ќе нема. Во планините има подземни води, а со секојдневно минирање, тие подземни води никој не може да гарантира дека нема да бидат загадени. Што ќе пиеме? Како да не се бориме, кога полињата ќе ни останат празни и тоа што ќе го има ќе биде канцерогено, ќе биде токсично. Што ќе јадеме, не само ние, цела струмичка котлина? Цела држава се храни од оваа котлина“.
Ова е крик на младиот еко-активист и правник Мики Крстев од иницијативата Младите против рудникот Иловица-Штука.
Оваа иницијатива здружена со повеќе организации, активисти и локални жители изминативе години го кренаа југоистокот на нозе, а потоа анти-рударско расположение се прошири скоро низ цела Македонија. Граѓани и еколози се загрижени и се сомневаат дали државата воопшто има капацитети за рударство по стандарди и без штетни влијанија по животната средина, особено што се’ уште не се решени историските рударски жаришта, а не е тајна ниту дека инспекторскиот систем е слаб за да контролира.
„Едноставно ние веќе не веруваме дека рудник може да донесе нешто добро. И, не само ние, целата јавност. Иловица-Штука е неизвесен, не знаеме што ќе се случува, чекаме, но истовремено гледаме како има нови планови, програми, стратегии за рудници… Како народот да верува по се’ она што се случи со Иловица-Штука и со сите остатоци од минатото?“, прашува младиот Крстев.
Она што изминатиов период го крена алармот кај еколозите прво беше програмата на новата Влада 2024-2028. Таму е наведено дека ќе се носи Закон за рударство, а исто така „Владата ќе ги разгледа можностите за финансирање и планирање на Рударско-енергетски комплекс во Источна Македонија“ и за „отворање на рудници“.
Во изборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, е допрецизирано дека се работи за „Стогово“ – рудник за манган што ги опфаќа општините Дебрца, Кичево, Дебар, Центар Жупа и Струга, а би придонел, како што стои, за економски развој на овој регион. Понатаму „Тајмиште“ – рудник за железо во Кичево, каде би се избрал концесионер за експлоатација на железна руда, исто така „Плавица“ (Црн Врв) – рудник за бакар, злато и сребро на двата локалитети во Кратово и Пробиштип, но и „Лојане“ во Липково – локалитетот што претставува еколошко жариште со 15.000 тони арсен, таму е планирано да се избере концесионер и тој да биде ставен во функција до 2026 година.
Владата генерално наиде на критики за Предлог-Стратегијата за рударство 2025-2045, која се спрема за усвојување. Можните негативни ефекти од идната стратегија здружи 50-ина еколошки организации за да бараат еколошки гаранции за било каква рударска дејност, додека мислењето на локалните жители да биде одлучувачко ако се издаваат концесии.
„Македонија е презаситена од рудници за метали и не смее да си дозволи отворање нови. Тоа е тешка загадувачка индустрија со трајни влијанија врз животната средина, а ние не сме Кина, САД, или Канада за да имаме простор за заштитни тампон зони од 500 километри. Се’ е тука, на тесен простор. Неметаличните суровини се друга приказна и друга технологија, но и таму се потребни повисоки стандарди, за да се намалат и избегнат штети. Затоа, пред да зборуваме за условите за отворање рудници, треба да дефинираме дали, каде и какви рудници би можеле да се отворат. Секоја економска активност мора да тргнува од врвниот јавен интерес за квалитетен живот и заштита на животната средина“, посочува Лилјана Поповска, претставничка на Зелен Институт.
Еколозите бараат Стратегијата за рударство да се усогласи со државните стратегии за животна средина, климатски промени, туризам, земјоделие и рурален развој, енергетика, врз база на кои се вложувало во инфраструктура, субвенции и бизниси.
„Тоа значи НЕ за рудници во заштитени подрачја, НЕ во еколошки жешки точки оптоварени со загадување, НЕ на 5 километри од населено место или заштитено подрачје. Бараме и ред други еколошки принципи и начела, што се содржат во наши закони или во прифатени меѓународни конвенции. Не смееме да дозволиме Македонија да стане современа ‘колонија’ за суровини“, нагласува Поповска.
Стратегијата за рударство е спремна, ама уште недостапна за јавноста
20-годишната Стратегија за рударство, или официјално именувана „Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини на РСМ“, е изготвена од МАНУ и во нејзината изработка вклучени биле сите засегнати страни. Таа е завршена, но се’ уште не е официјално презентирана пред јавноста. По Нацрт-финалната верзија ќе има јавна расправа, тврдат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за Радио МОФ.
„Овој документ поставува долгорочни цели за одржливо искористување на минералните суровини и е усогласен со националните и европските регулативи за заштита на животната средина“, посочуваат од министерството.
На прашањето да коментираат за т.н. рудници со отворен коп, честа мета на критика од еколозите, тврдат дека постојано вршат измени и дополнувања на законот и подзаконските акти, се’ со цел, како што велат, подобрување на процедурите, постапките, квалитетот и безбедноста при работа во областа на минералните суровини.
„За последните 40 години, отворен е само еден нов рудник – Боров Дол, кој претставува површински коп и продолжение на векот на работа на рудникот Бучим, со цел обработка на бакарна руда во наредните 10 години“, велат оттаму.
Во однос на тоа колку рударскиот сектор придонесува кон БДП на државата и дали тој придонес е доволен за да се оправдаат потенцијалните еколошки ризици од идни рудници, тие одговараат дека од економски аспект, моментално се ангажирани над 8.000 вработени.
„Во земјава има преку 150 активни рудници, за разни видови на минерални суровини. Значајно е што минералните суровини во структурата на индустриското производство учествуват со 22,36 %, од кои само металите учествуваат со 11,24 %, а останатите минерални суровини со 11,12 %. Притоа, рударството и вадењето камен во државата во БДП учествува со околу 1,0 %“, посочуваат од министерството.
Од аспект пак на тоа кое ќе биде осигурувањето дека нови рудници во иднина ќе ги исполнуваат еколошки стандарди, тврдат дека министерството е посветено на спроведувањето на концептот за одржлив развој во рударството, согласно европските директиви.
„Во нашата земја, рударските компании, особено оние од поголем обем, активно вложуваат во модернизација на процесите, бидејќи тоа е поврзано и со европските директиви кои од нив бараат почитување на стандардите за заштита на животната средина, како услов за пласман на нивните производи“, ни одговорија од министерството.
„НЕ за рудници за металични суровини, а за неметалични единствено со ригорозни стандарди“
Во Македонија нема еколошки одржливи рудници на металични суровини, смета Ѓорѓи Танушев, дел од Здрава котлина“ и советник во Општина Струмица.
„Затоа, не доаѓа во предвид нови рудници на металични суровини од проста причина што сегашите такви рудници не се контролираат, а и со најдобрите сегашни достапни техники не е возможно да се контролираат во доволна мера за да не загадуваат“, истакнува тој за Радио МОФ.
За него нема сомнеж дека поставувањето стандарди и услови за идните рудници на неметалични суровини е клучен дел од одржливото управување со природните ресурси, особено во региони каде животната средина и интересите на локалното население се под ризик.
Воедно, како дел од новата зелена коалиција од 50-ина еколошки организации, предложува низа еколошки принципи, за, како што вели, да се намалат тензиите и да поттикнат попозитивен став кај локалците.
„Строгото придржување кон овие мерки и нивната транспарентна имплементација би осигурало дека идните рударски проекти можат да се одвиваат со минимални негативни ефекти врз животната средина и со почитување на интересите на локалното население“, посочува Танушев.
Каде е Просторниот план во целава приказна?
Здружените екологисти, организации и институции, исто така, бараат и нов Просторен план на Македонија и ажурирани просторни планови по региони, нов Закон за просторно планирање и нов Закон за води. Татјана Атанасовска Гроздановска од „О2 Иницијатива“ за Радио МОФ вели дека е невозможно да се развиваат стратегии, особено не Стратегија на рударство, без да се има нов, ажуриран Просторен план.
„Тоа е плански документ од највисоко национално значење, врховен стратешки документ со кој се дефинира организирањето, управувањето и заштита на просторот на целата држава. А просторот на една држава е исклучително вредно, но и ограничено национално богатство. Ако го немаме овој документ ажурирано, како воопшто можеме да изготвуваме стратегии особено за вака сензитивни теми како што се рудните богатства на Македонија?“, прашува таа.
Исто така, Законот за води кој бил изготвен многу внимателно пред две години, од причина непозната за екологистите не е спроведен и изгласан во Собранието до ден денес. Како што објаснува Атанасовска Гроздановска, без овој Закон во македонското законодавство нема силна регулатива со која ќе бидат заштитени природните води, а во процесите на рударството, особено при одредени технологии, и те како ова претставува сензитивна и алармантна тема.
„Оваа тешка загадувачка индустрија може да има силно влијание и да ги контаминира надземните и подземните води. Последиците може да бидат катастрофални за природата, за животот и за нас луѓето. Недостатокот на цврста правна регулатива која ќе ги заштити водите е навистина недозволив во денешно време и невозможно е да дискутираме за загадувачки индустрии и методологии, кога дури ни на хартија не сме поставиле основи како да се заштитиме“, посочува еко-активистката.
Законот за минерални суровини е клучен
Пред да ја донесе Стратегијата, ресорното министерството треба да ги усвои Законот за енергетика, како и Законот за минерални суровини, што екологистите го карактеризираат како „клучен“.
„Во тек е формирање на работна група за изготвување на нов Закон за минерални суровини во кој ќе бидат земени во предвид сите забелешки од јавните дебати. Исто така предлог – Законот ќе биде објавен на ЕНЕР“, информираат од Министерството.
Главните предлози на еколозите во врска со законот се однесуваат на тоа локалното население да биде одлучувачкиот фактор за концесиите за минерални суровини.
Од Министерството известуваат дека покрај Законот за минерални суровини, ќе се донесат и подзаконски акти за уредување на истражувањата и експлоатацијата на минералните суровини.
„Изготвена е Нацрт- финална верзија на Стратегија за одржливо користење на минералните суровини и ќе се воспостави катастар на наоѓалишта и појави на минерални суровини“, додаваат оттаму.
Контрола, ама како што треба
Во случај на отворање нови рудници, од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини тврдат дека надлежните институции ќе вршат редовен мониторинг на почитувањето на високите еколошки стандарди, како што веќе е воспоставено во други компании од металуршкиот сектор.
„Ќе се разгледаат сите релевантни аспекти, вклучително и придобивките за државата и локалната економија, како и влијанието врз животната средина“, велат оттаму.
Согласно член 100 од актуелниот Закон за минерални суровини, инспекцискиот надзор во секторот го врши Државниот инспекторат за техничка инспекција преку државни геолошки, рударски и инспектори за опрема. Надзорот над оние што вршат истражувања и експлоатација без концесија и без дозвола, покрај инспекциски органи, може да го прави полицијата. А, инспекцискиот надзор за животната средина – тој е во рацете на Државниот инспекторат за животна средина.
„Во моментов, ресурсите на инспекциските служби се ограничени, но Министерството планира зголемување на бројот на вработени и подобрување на техничките капацитети, со цел да се обезбеди квалитетна контрола врз рудниците и нивното работење според законските регулативи“, истакнуваат од новоформираното министерство.
Ограничените капацитети и недоволните ресурси влијаат на ефикасното спроведување на контрола врз концесионерите и заштитата на животната средина, смета екологистот Ѓорѓи Танушев.
„Државниот инспекторат за техничка инспекција не располага со соодветен кадар, финансии, и опрема за независно вршење на мониторинг, што го влошува следењето на загадувањето и потенцијалните опасности од рударските активности. Во извештаите на државната ревизија е наведено дека концесионерите не плаќаат навремено и дека нема систем за контрола на квалитетот и количините на експлоатираните минерали, што дополнително укажува на слабости во надзорот“, вели тој.
За инспекторатите да станат ефикасни во заштитата на животната средина, појаснува, потребен е стручен кадар со соодветно образование и искуство во областа на рударството и заштитата на животната средина. Потоа, современа технолошка опрема за постојан мониторинг на квалитетот на воздухот, водата и почвата, како и за идентификација на штетните материи.
Танушев бара и поголем буџет за да може да се овозможи надзор, мобилност, лабораториски анализи, соодветни материјални средства за инспекторите, воспоставување акредитирани лаборатории, мониторинг на концесионерите…
„Со овие подобрувања, инспекторатите би можеле да вршат подобар надзор и да го заштитат јавниот интерес од потенцијалните штетни влијанија на рударските концесии“, констатира Танушев.
Бојан Шашевски и Ангела Петкова
*Со овој текст, Радио МОФ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.
** Првата тема поврзана со рудниците може да ја прочитате ТУКА