„Ако нема правда, нема мир“ – Протести во Бугарија поради убиството на новинарката Маринова

Стотици граѓани синоќа протестираа во повеќе градови во Бугарија поради бруталното убиството на новинарката Викторија Маринова во градот Русе.

Демонстрантите во Софија носеа транспаренти со написи: „Ако нема правда, нема мир“ и „Митото убива“ и побараа брзо откривање на сторителите на злосторот. Покрај во главниот град, бдеења и протести се одржаа и во Русе, Пловдив, Јамбол и Стара Загора.

ФОТО: БТВ

Бугарскиот државен обвинител Сотир Кацаров вчера изјави дека властите немаат нови индиции за мотивите за силување и убиство на Маринова, предупредувајќи дека во оваа фаза од истрагата е потребна претпазливост.

„Во оваа фаза мора да бидеме внимателни, не затоа што немаме што да кажеме, туку затоа што секој непрецизно изговорен збор може да ја загрози нашата работа. Едно е сигурно – нападот беше екстремно брутален и исклучително монструозен“, рекол Кацаров.

30 годишната бугарска новинарка Викторија Маринова во саботата беше брутално претепана, силувана и задавена во Русе, северна Бугарија, а нејзиното тело беше пронајдено во паркот во близина на реката Дунав.

Маринова беше новинар и уредник на бугарската телевизија ТВН и известуваше за истрага за наводна корупција поврзана со фондовите на ЕУ.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.