Ако сакаме инклузивно образование, требаат и инклузивни школи

Образовните асистенти годинава подоцна влегуваат во основните школи. Некои родители се’ уште чекаат да поминат и вторите огласи на ресурсните центри за да добијат поддршка за своето дете со атипичен развој, додека самите асистенти засега остануваат со договори на определено време. Но, асистентите се само парче од инклузивниот мозаик во Македонија. Школите на глава имаат куп проблеми како да ја тераат инклузијата, им недостасува едукација, буџет и инфраструктура, за да може целиот процес да „застане на нозе“. 

Радио МОФ контактираше со разни школи низ земјава.

Генерално, повеќето тврдат дека имаат формирано инклузивни тимови, кои според измените на Законот за основно образование од 2019-та треба да содржат тим од психолог, специјален едукатор, социјален работник, наставници и сл. Од друга страна, евидентно е дека на тој кадар му требаат компетенции и услови за работа.

„Потребни се финансии за децата со посебни образовни потреби (ПОП) секоја година да се обезбедуваат и повеќе семинари и обуки за наставниците кои работат со деца со ПОП. Потребен е и посебен правилник за работа и комуникација со која ќе се уреди работата на училиштето со Ресурсниот центар и Службата за функционална проценка (МКФ). Досегашната соработка е многу мала и речиси недостасува“, велат за Радио МОФ од училиштето „Кочо Рацин“ од Дојран.

Сличен одговор добивме и од Ајше Локи, специјален едукатор и рехабилитатор во основното училиште „Лирија“ од Тетово. Таму им недостасуваат финансии, инклузивна инфраструктура, ама и поинаква поставеност на вработените со децата.

„Имаме логопед, педагог и психолог, ама не можат да постигнат да работат со сите ученици“, забележува Локи.

Ленче Стојнова, директорка на ООУ „Пере Тошев“ од Росоман, смета дека „почнавме од врвот да ја градиме кулата“.

„(Треба) инклузивна инфраструктура како во училиштето така и во самата општина, соодветни помагала, асистивна технологија, сензорна соба опремена според потребите, а не колку да се покрие даден проект. И се разбира итна и квалитетна едукација на кадарот, а не 5-дневна обука како на образовните асистенти… Поддршката, должност е да ја обезбеди МОН, од таму почнува се’“, смета Стојнова.

Во однос на комуникацијата со МОН, ресурсните центри и МКФ-службите, таа одговара дека досегашната соработка тече добро, има тек, но некогаш „ритамот се успорува“.

„Ние како институација имаме одреден континуитет додека родителите се тие кои се шетани од врата до врата, се јавува револт и одбивност и доаѓаат во училиштето нафрлајќи ја вината врз нас. На децата за жал се експериментира со ставови и мислења од Финска или Данска или друга држава, а ние живееме во Македонија со македонски услови. Некои работи мора да се разграничат“, смета Стојнова.

Фото: Радио МОФ

Директорка на скопско училиште што бараше да остане анонимна, за Радио МОФ вели дека на сите им е јасно дека инклузијата е долг и важен процес. Јасно им е дека не се учи се’ преку ноќ. Но, за да учат, мора на школите некој да им покажува што и како да прават.

„Не зборувам за неколкудневни обуки… и толку. Од едно уво влегло и излегло од другото. Нас ни требаат практични и континуирани вежби, вештини, градење компетенции. Значи, како да се однесуваме со децата, како да им пристапиме, како да не ги вознемириме оние со аутизам или Даунов синдром, што да правиме паралелно и со останатите типични деца. Инклузијата не е само на часот, нашите кадри и соработници треба да им бидат поддршка на сите, типични и атипични – за време на одмори, воншколски активности, екскурзии… Никој не треба да чувствува и доживува исклученост, дискриминација, без разлика на нашите можности. Тие ќе пораснат додека ние научиме како да постапуваме со нив“, нагласува директорката.

Според неа, децата во училиштата се градат како личности, кои понатаму треба да имаат удел во ова општество. Инклузијата е важна, вели таа, премногу важна за да биде пуштена да „плови“ без доволно пари, материјали или компетенции.

„Дополнително, ресурсните центри мораат да се доразвиваат, а образовните асистенти што доаѓаат во школото да бидат поподготвени, со поинаков статус, а не на определено работно време. Зошто се ‘држат’ на определено? Како ќе имаат волја да помагаат и бидат поддршка? Исто така, партиите да ги тргнат рацете од асистентите, за децата се работи, нивниот психо-физички развој!“, забележува таа.

За образовните асистенти коментираат и од други основни школи. Од „Климент Охридски“ од Миравци, гевгелиско, велат дека треба со законски измени да се реши нивниот работен статус, а од „Васил Главинов“ од Велес, освен што бараат траен статус на асистентите до крајот на школувањето на ученикот, тие да добијат и доквалификација за работа со деца со посебни образовни потреби (ПОП).

„(Тоа да го направат) полагајќи испити на Институтот за специјална едукација и да им се зголеми обемот на работните задачи – учество во изготвување на индивидуален образовен план (ИОП), вклучување во инклузивниот тим за ученик, изработка на наставни листови, придружување на ученикот во сите воннаставни активности и сл. (_) Потребни се континуирани обуки на наставниот кадар и стручните соработници со цел следење на современите методи и техники за работа со учениците со ПОП, изедначување на коефициентот за плата на специјалните едукатори во редовните училишта со оној на колегите од Ресурсните центри“, коментираат Тања Индова и Сања Ѓорѓиевска, специјални едукаторки при „Васил Главинов“- Велес.

Додека од ресурсните центри периодов владееше молк поради тековните огласи, скоро сите училишта што ги контактиравме потврдија дека кај нив доцнеле, или се’ уште доцнат образовните асистенти. Сепак, досега од институциите никој не презема одговорност за тоа што децата со атипичен развој на стартот на учебната година главно останаа одвоени од своите соученици, за што реагираше и Комисијата за заштита од дискриминација. Министерката за образование Весна Јаневска на првиот училишен час тврдеше дека „децата не се дискриминирани, овој процес не доцни, овој процес е секогаш таков“, потоа најави дека асистентите ќе влезат во училиштата на 10 септември, за на 10 септември да рече „постепено во следните денови“. Јаневска меѓувремено прстот го впери кон школите и ресурсните центри, a потоа спомена и дека доцнењето „е одраз на чекањето на ребалансот на Буџетот и релативното работење на училиштата на различни начини“.

Илустативно фото: Unsplash

Дополнително, од Министерството за образование и наука (МОН) годинава не извадија бројки колку се вложува за образовните асистенти и инклузивноста во школите. За Радио МОФ рекоа дека ќе бидат ангажирани вкупно 1.020 асистенти, а истовремено тврдат дека работат на обезбедување поголема пристапност на училишните објекти за учениците со попреченост.

„(Работиме) на обезбедување нови наставни помагала и опрема, како и на повеќе обуки за наставниците на тема инклузивно образование, со цел надградба на личните компетенции за работа со ученици со посебни образовни потреби“, велат од МОН.

Што е со МКФ-службите?

Рака под рака со школите и со образовната асистенција, во Македонија изминативе години во инклузивна смисла „расте“ и Службата за функционална проценка за деца и младинци (МКФ). Кога тргна целата работа пред неколку години, родители реагираа дека доцнат проценките, па некои беа ставени на чекање со недели и месеци. А, без да поминат термин, владее неизвесност дали и кога би добиле образовен асистент, модифицирана програма или Индивидуален образовен план (ИОП), со цел потоа инклузијата да одвива во школите.

Проблемот е што се пролонгираше формирањето на МКФ-службите по региони, но и нивното доекипирање. Секој стручен тим треба да е составен од лекар, психолог, социјален работник, специјален едукатор и рехабилитатор, со најмалку три години работно искуство во струката и најмалку една година искуство во имплементација на МКФ, од редот на вработените во Службата.

Идејата беше да се направат 10 вакви стручни тела ширум земјата, како оптимална бројка, со што би се тргнал притисокот од службите во Скопје, воедно родители за проценка да не патуваат далеку од својот град. Моментално, според информациите од МКФ, недостасува уште стручен тим во Штип, иако со него би биле девет тела.

„Наскоро ќе биде отворено телото во Штип и ќе бидеме комплетирани. Сите родители што се во тој регион, засега, може да не’ контактираат и ќе ги упатиме на проценка“, велат за Радио МОФ од МКФ-службата, која моментално нема свој сајт и техничка служба, туку главните информации ги води преку сајтот на Сојузот за специјални едукатори.

Извор: https://sojuzser.org

Стручните тела сега имаат и зголемен опфат на работа, со цел земјава преку меѓународно признатата рамка (МКФ) да се тргне од ригидниот систем на „категоризација“. Оттука, со новиот Правилник на функционална проценка, освен за образовни услуги, добија задачи да прават проценки и за социјални и здравствени мерки – посебен додаток, ортопедски помагала итн. Ваквата поставеност, освен што отвори ново поглавје за да се задоволат меѓународните критериуми и конвенции, ја тестира оптовареноста на службите и капацитетите на сите вклучени страни.

„Мора и самите училишта да ја сфатат инклузијата. Да достигнат повисоко ниво. Да вложуваат, учат, да се развиваат. Постојат добри примери, но постојат и примери каде се’ уште одбиваат да примаат деца со попреченост, иако сега и законски се обврзани и практично вршат дискриминација. И, родителите се обраќаат повторно и кај нас, за секакви прашања. Ние сме достапни, но нашата обврска е да правиме проценки, не треба да бидеме преотповарени“, посочуваат од МКФ-службата.

Фото: Радио МОФ

Од МКФ на неколку пати рекоа дека постои напредок во целиот инклузивен процес, но тој бара побрзо темпо и приоритети. Исто така, од таму истакнаа нужност за повеќе обуки и поширока примена на функционалната проценка по МКФ. Освен во образованието, апелираа да се прошири и меѓу здравствените работници што вршат дијагностика, како и вработените во детската и социјална заштита, со цел да сите да говорат за „способности“ и „можности“, наместо за „неспособност“ и „оштетувања“.

„Нема назад. Сите мора да ја сфатат својата улога, во интерес на децата. Треба и ресурсните центри да обезбедуваат повеќе сервиси, материјали, знаење. Министерствата мора да ја следат инклузивната политика. Не може инклузија без пари. Ова е процес во кој треба да се вложува, не треба да се остави сам на себе“, рекоа претходно од МКФ.

Дека е потребно повеќе вложување на неколку пати досега укажуваа и од УНИЦЕФ и Комитетот за правата на децата при ОН.

„Недоволни се финансиските и човечките ресурси за спроведување на Законот за основно образование и моделот за проценка на попреченоста врз основа на МКФ. Постои недостапност и несоодветност на училиштата, зградите, транспортните средства и просториите за деца со попреченост, што ја попречува нивната пристапност. Постојат предрасуди кои имаат влијание врз маргинализацијата и дискриминацијата на децата со попреченост при пристапот до здравствени, образовани и услуги за заштита на нивните права“, беа дел од согледувањата на Комитетот изминативе години.

МОН спрема нови измени за инклузивното образование

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, уште кога стапи на позицијата, во интервју за Радио МОФ рече дека се потребни измени со инклузивното образование.

Од МОН сега велат дека, од досега добиените информации и дискусии со засегнатите чинители, се потврдувало дека концептот на тотална инклузија тешко се спроведува во пракса и не го дава очекуваниот ефект.

„За голем дел од родителите на учениците со попреченост, најчесто со потешки форми на попреченост, кои се инклудирани во редовните основни и средни училишта, подобра средина се основните училишта со ресурсни центри. Затоа, размислуваме за обезбедување можност, секое семејство согласно функционалните проценки на детето, но и согласно неговите најдобри интереси, да одлучи каде тоа ќе следи настава – дали во редовно или пак во училиште со ресурсен центар“, велат од МОН за Радио МОФ.

Измените МОН ги има ставено и во пакетот предлог-закони на ЕНЕР. Планирано е новите предлози да бидат затворени од стручната јавност до крај на септември, а потоа да се гласаат во Собранието во ноември:

Во основното училиште со ресурсен центар, може да се запише ученик со попреченост кој учи по модифицирана програма, по избор на ученикот и родителот, односно старателот, а по препораката на стручното тело за функционална проценка на деца и млади, базирана на Меѓународната класификација на функционирањето (МКФ), донесена од Светската здравствена организација

Но, остануваат повеќе недоумници. Особено што идејата на новиот инклузивен систем, стартуван пред три години, беше ресурсните центри (претходно посебни училишта) повеќе да не примаат деца по учебната 2022-2023 година, туку сите деца да се вклучат во основните училишта, без разлика на „попреченоста“. Ова значи, основните школи да се развиваат за сите деца подеднакво, тие да се едуцираат и социјализираат и инклудираат заедно, блиску до местото на живеење, додека ресурсните центри да нудат искуство, материјали, компетенции и обуки при инклузијата.

Проблемот е што, пример, во Македонија постојат пет основни училишта со ресурсни центри (ОУРЦ) и тие ги нема во сите региони подеднакво. Прашањето е како родител со дете со комплексни потреби, ако добие модифицирана програма по проценката во МКФ, како тој секојдневно би го носел детето 20-30-40 километри, само за да следи настава во ресурсен центар? Друго, веќе постои можност да се следи настава по модифицирана програма паралелно во основно школо и ресурсен центар, па не е објаснето што е потребата од „упис“ во ресурсен центар? Трето, како тоа би влијаело сега врз самите ресурсни центри од аспект на планирање активности, дополнителна настава, кадар, формирање нови паралелки… кога и досега бараа да им се јакнат човечките и просторни капацитети? Четврто, основните школи може ова да го користат и да аргументираат дека „немаат кадар и можности“ и да не го примат детето со атипичен развој, па по линија на помал отпор од родителите – тоа дете да го пратат во ресурсен центар за да се ослободат од инклузивни одговорности.

Радио МОФ веќе објави тема со низа ставови од активисти, родители, едукатори и стручни лица кои дадоа различни мислења за тоа како треба да се движи инклузивното образование. Дел сметаа дека враќањето на посебните училишта е чекор наназад и се губи смислата на инклузијата сите деца да бидат заедно, па бараа акцент да се стави на развивање на редовните школи во инклузивна смисла. Други даваа предлози да се вратат и реорганизираат посебните училишта, додека трети сметаат дека Центрите за поддршка на учењето треба да бидат носители на инклузијата.

Има уште многу да се направи и научи за инклузивното образование

Додека се спремаат измени, никако да дојде на ред Регистарот за лица со попреченост

Последните податоци од пописот, кој во 2021 го спроведе Државниот завод за статистика, покажаа дека во Македонија живеат вкупно 94.412 лица со попреченост. Поголем дел се жени (52.203), а најголемиот дел од овие лица, односно над 40 отсто, имаат проблеми со движењето. На возраст до 14 години во државата има 1.674 деца со попреченост, 43.5 отсто се луѓе на возраст од 15 до 64 години, а 54.8 отсто се на возраст од 65 години и повеќе.

Сепак, во Македонија недостасува Регистар за лицата со попреченост, за да може да се категоризираат потребните податоци и да се планираат сите политики за оваа група граѓани. Ова важи и за планирања во образованието, каде според МОН во изменатата учебна 2023/2024 година имало над 2.000 основци со атипичен развој, додека во средните училишта нивниот број е околу 300.

Министерството за труд и социјална политика (сега реформирано во Министерство за социјална политика, демографија и млади) евиденцијата за сите лица со попреченост досега ја водеше во книга за лицата со пречки во телесниот или менталниот развој, а се водеше и електронска еведенција, т.е. електронски систем (ЛИРИКУС) со надлежност на центрите за социјална работа и ЈУ Завод за социјални дејности – Скопје. Односно, евиденција главно се водеше според тоа кој добива услуги, мерки и додатоци во рамки на социјалната заштита. Но, тој систем мораше да се менува, ажурира, бидејќи се смени досегашниот начин на „категоризација“ на лицата со попреченост, согласно препораките на Комитетот на ОН и Светската здравствена организација – со што евиденцијата сега треба да оди и преку проценките што ги прават МКФ-службите.

Од ресорното министерство за Радио МОФ велат дека на 3 октомври 2023 година, Собранието го донесе Законот за системот за проценка на лица со попреченост, во рамките на кој е уредено воспоставувањето и содржината на Регистарот на лицата со попреченост.

„Во тек е изработка на подзаконската регулатива со која ќе се уреди неговото соодветно функционирање-формата, поблиската содржина и начинот на водење на Регистарот, како и пристапот до и размената на податоците со и од Регистарот. Во периодот што следува ќе се работи на развој на информацискиот систем за проценка на лицата со попреченост, во рамките на кој е планирана и изработката на Регистарот“, посочуваат од МТСП.

Истовремено, информираат дека Службата за функционална проценка на деца и млади (МКФ) досега има направено вкупно 6.193 проценки од кои 4.384 се први, а 1.809 се контролни проценки.

Од МКФ-службата, пак, засега чекаат доекипирање со техничка поддршка, за да можат сите собрани податоци да се стават во употреба на Регистарот.

„Кога ја даваме проценката, доколку родителот остварува некакво право од социјална заштита, тој ја носи во Центарот за социјална работа (ЦСР). Ама има родители што не остваруваат право од ЦСР, туку само од образование. Тогаш тој ја носи проценката во школо и ЦСР нема увид за тие проценки. Затоа треба да се донесе одредба како да се води тој регистар. Ние, на пример, во тимовите за проценка немаме технички лица и тоа ни е проблем. Ние не можеме премногу да работиме на евиденција, затоа што цело време работиме на проценки. Доколку секое тело би имало техничко лице, а тоа ни е предвидено во Правилникот за работа, тогаш и ние ќе можеме да дадеме придонес за тој регистар. Ситуацијата треба да се смени во 2025 година, имаме соработка со министерствата“, велат од МКФ-службата.

Бојан Шашевски

*Првиата анализа за инклузивното образование може да ја прочитате ТУКА

**Со овој текст, Радио МОФ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.