Насилството влијае сериозно на менталното здравје на учениците и има далекусежни последици, вклучително и негативно влијание врз нивните образовни постигања и нивната добросостојба, истакна денеска Сузана Киранџиска, извршна директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“, на конференцијата за промовирање на правата на детето на демократско учество и вклученост.
На конференцијата учествуваше и амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија и Народниот правобранител Насер Зибери.
Во своето воведно излагање, Амбасадорот Гир потенцираше дека поддршката на ЕУ на два проекти во државата создава простор за правата на детето. Имено, станува збор за проекти за правата на детето финансирани од ЕУ – проектот Децата на 1-во место! на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ и проектот Место за растење-општини посветени на децата на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и на Центарот за семејна и грижа за децата КМОП Скопје.
Во панел дискусијата, Киранџиска рече дека „насилството претставува сериозен и комплексен проблем не само во училиштата туку и во разни сегменти од општеството“.
„Децата во училиштето, но и надвор од него, се вознемирувани и напаѓани од страна на нивните врсници, а тоа често се минимизира или игнорира и одговорноста се префрла на некој друг. Наша обврска е да работиме на идентификување на корените на проблемот и на превенција наместо на лечење на последиците преку вклучување и соработка помеѓу сите институции, преку обуки за сите засегнати страни и кревање на јавната свест за овие појави бидејќи насилството влијае сериозно на менталното здравје на учениците и има далекусежни последици, вклучително и негативно влијание врз нивните образовни постигања и нивната добросостојба. Доколку сакаме да имаме училишта без насилство, треба да имаме и општество без насилство“, рече таа.
Таа додаде дека доколку имаме институции кои толерираат и премолчуваат неправди, насилство и говор на омраза, тешко дека во училиштата ќе може да се создаде средина која стимулира и атмосфера која промовира толеранција, почит и поддршка.
„Ме радува што ДЕУ го препозна образованието како приоритетна област и нашиот проект како иницијатива која може да донесе позитивни промени и да го поддржи создавањето училишна култура за почитување на правата на децата. Ние цврсто веруваме дека училиштата се природните средини каде што децата од мали нозе треба да научат што е демократија, а тоа ќе го научат само ако ја преименуваат во секојдневната пракса во училиштата, ако се прашани за работите што ги засегаат и ако учествуваат во одлучувањето“, рече Киранџиска.
Децата на 1-во место! е тригодишен проект на Фондацијата „Чекор по чекор“ финансиран од ЕУ кој ќе спроведе национално истражување за правата на детето, насилството меѓу учениците и ученичкото учество.
Проектот треба да обезбеди обука за учениците, за наставниците и за родителите за Конвенцијата за правата на детето на ОН (КПД), за ученичко учество, за безбедноста и онлајн насилството, а ќе биде организирана и Летна школа за правата на детето за ученици и наставници.
Понатаму, треба да се изготви прирачник за наставници, сликовница за детските права за децата во првите одделенија достапна на македонски, албански, турски, српски, босански, ромски и знаковен јазик и менторска и финансиска поддршка на мали ученички проекти за практикување на детските права и ученичкото учество во 5 основни училишта.
Извор: Мета.мк