Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) распиша јавен повик за изработка на цртежи, на кој може да учествуваат сите средношколци.
Целта на овој повик е да се поттикнат младите да ги искажат своите погледи на оваа тема, преку изработка на визуелни пораки, графики и кратки стрип приказни.
Преку јавниот повик ДКСК има цел на креативен начин да придонесе за разбирање, прифаќање и поддршка на заштитеното укажување, а воедно и да придонесе за поголемо почитување на чесноста и искреноста, како највисоки придобивки во општеството.
На тој начин, велат од ДКСК, и младата популација ќе се вклучи во процесот на информирање и едукација на јавноста за укажувачите, како модел во општеството, како и за важноста на нивната заштита.
Заштитата на укажувачите во општеството е основа за поголем интегритет на институциите и јакнење на основните демократски вредности. Укажувачите се симбол на одбраната на јавниот, наспроти личниот интерес и имаат многу важна улога во борбата против корупцијата и судирот на интересите.
За да се создадат услови за нивна поголема заштита, неопходна е поголема едукација и информираност на целокупната јавност за заштитеното пријавување на корупција и судир на интереси.
Наградите за најдобрите визуелни пораки ќе бидат доделени на 9 декември 2021 година, на Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата и судирот на интереси.
Сите заинтересирани средношколци можат да ги испратат своите креации на следниот ЛИНК. Најдобрите дела ќе добијат сертификат и стручна литература од областа на графичкото цртање.
Повикот е дел од кампањата за заштита на укажувачите на ДКСК во рамки на ИПА II Проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Северна Македонија“ финансиран од Европската Унија.