Акредитатор e додаток на прелистувачите Chrome или Firefox и служи како алатка со којa може да се дознае дали медиумот што го читате е дел од регистрите на етички коректни медиуми во државата.
По преземањето, додатокот ако сигнализира зелен круг, тогаш читате медум кој е дел од двата национални регистри на медиуми со потпишан етички кодекс на известување, но доколку кругот е сив, тогаш тој не е дел од нив.
„Со клик на кругчето, може да се добијат повеќе информации околку регистрите во кој е запишан сајтот на тој медиум, како и опција за пријавување на прекршок на етичкиот кодекс за дадениот медиум“, стои во описот за „Акредитатор“.
Негов автор е Горјан Јовановски, кој ја создаде и апликацијата „Мој воздух“. Листата на етички медиуми ги црпи од регистрите Промедиа (ЗНМ/ССНМ) и ИАБ Македонија.
„Ако сајтот е зелен, има помалку шанси истиот да шири дезинформации, и повеќе шанси да е веродостоен во известувањето. Но, доколку пронајдете на сајт на медиум што е дел од регистрите, но сепак пристапува неетички кон известувањето, Акредитатор ви дава можност истиот да го пријавите до соодветните регистри за испитување и санкционирање“, стои во појаснувањето за алатката.
Додатокот користи отворен код кој може да се прегледа на следниот ЛИНК, а проектот е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развоj преку повикот КРЕАТОН.
Креаторот вели дека алатката не ги следи, зачувува или испраќа посетените страни или интернет пребарувања.
„Уште подобро, ниту една информација за вас не се користи во операцијата на Акредитатор, ниту се зачувува“, се вели во описот за „Акредитатор“.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.