Акредитирани 7 методи за вода и бучава од Лабораторијата на МЖСПП, за воздух тек во наредните фази

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информира дека Одделението за Лабораторија и теренски мерења (Центарaлна лабораторија) на Министерството за животна средина и просторно планирање, официјално го доби сертификатот за системот за квалитет според стандардот ISO 17025 за акредитирана лабораторија, при што сертифицираше 7 методи за тестирање, од кои 6 се за квалитет на вода и една за бучава.

По тој повод, велат од МЖСПП, ресорниот министер Насер Нурдини ја посети Центаралната лабораторија при што укажа на потребата од доследно почитување и примена на стандардот, а со раководителот Африм Љатифи разговарале и за идните развојни планови на Лабораторијата.

„Како што информираше министерот Нуредини, со воведувањето на системот за квалитет според стандардот за акредитирана лабораторија и сертифицирање на 7 методи од страна на Институтот за акредитација, Лабораторијата доби признание за својата работа и сега останува да се прошири бројот на методи кои ќе бидат акредитирани во секоја наредна година. Во наредните фази е планирана и акредитација на методи за квалитет на воздух, а во Буџетот за 2021 година се обезбедени средства за набавка на инструмент за мерење на емисии од стационарни извори, за што во најскоро време ќе се поведе постапката за набавка“, соопштуваат од МЖСПП.

Исто така, министерот Нуредини информираше дека е во тек проектната активност за набавка на инструмент кој користи нуклеарни технологии за анализа на составот на PM честичките (X-RayF). Според МЖСПП, инструментот е во вредност од 61.700 евра и е испорачан од депото на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) од Виена, и се очекува да пристигне наредниот месец.

„Овој инструмент ќе се користи за анализа на концентрации на тешки метали во фракциите на PM10 честичките, што овозможува утврдување на главните сектори на загадување (индустрија, транспорт, домаќинства итн.). Овие анализи ќе овозможат да се направи приоретизација на мерките за намалување на аерозагадувањето“, велат од МЖСПП.

Дополнително, во склоп на Регионалниот проект на IAEA – RER7011, Централната лабораторија за животна средина на МЖСПП доби уште еден инструмент Multi-wavelength Absorption Black-Carbon Instrument (MABI), во вредност од 4.700 Евра, кој ќе се користи за анализа на Black carbon во фракции на PM10.

Инаку, Радио МОФ истражуваше за проблемот со државната Централна лабораторија, која одамна постои, но таа не беше акредитирана за ниту една метода согласно меѓународниот стандард ISO 17025. Додека не се акредитира, лабораторијата е неупотреблива. Со тоа, нема соодветен контролен механизам за загадувачите во најзагадените градови во Европа. Инспекторите мораа да ангажираат комерцијална акредитирана лабораторија (УГД Штип, „Фармахем“, „Технолаб“, „Еуромак контрол“). Но, проблемот беше што ниеднa приватна лабораторија не си дозволува да врши супервизија на друга приватна лабораторија.

Имаше повеќе владини обиди да се издвојат средства за оваа намена во минатото, но, сепак, Централната лабораторија остана без акредитација, а државата без оваа важна алатка во инспекторирањето на потенцијалните загадувачи. Затоа и останаа сомнежите во јавноста за одредени мерења, или за спрема меѓу инсталацијата и оној што мери.

Фото: МЖСПП