Актерите на камерната драма „Нема да биде крај на светот“, Дарја Ризова и Саша Ханџиќ беа наградени на Интернационалните театарски средби во Брчко Дистрикт, БиХ.
Дарја Ризова ја доби наградата за најдобра млада актерка, за улогата на Маша, додека наградата за најдобра споредна улога едногласно му беше доделена на Саша Ханџиќ, за улогата на Таткото. Хаџиќ воедно е и добитник на наградата за најдобра машка улога за улогата на Вања во претставата „Куќа“.
Интернационалните театарски средби беа одржани од 20 до 28 октовмри, а стручното жири беше во состав: Жељко Митровиќ, актер; Емина Муфтиќ, актерка и Драган Деспот, актер.
„Ова е една хармонично изградена претстава, драматуршки склопена и режисерски заокружена само со тројца актери, но до сега претставата „Нема да биде крај на светот“ се одигра на 6 (шест) интернационални фестивали каде што од секој еден освои награди: специјална награда за режија на Нина Николиќ, најдобра актерка Дарја Ризова, најдобар актер Саша Хаџиќ и специјална награда за актерката Џана Џаниќ, на фестивалот „Живи фест“, БиХ. Дарја Ризова – најдобра актерка на меѓународно ниво на фестивалот во Бурса, Р Турција, најдобра регионална актерка на фестивалот на актерот во Коњиц, БиХ, исто така, Ризова стана и дел од историјата на ФКТ „Ристо Шишков“ како најдобра актерка за улогата на Маша. На фестивалот „БиХ драма Зеница”- БиХ, претставата беше прогласена за најдобра претстава во целина. Претставата до сега има добиено вкупно 11 награди“, велат од Македонскиот народен театар (МНТ).
Претставата е копродукциски проект меѓу МНТ, Перипетија продукција – Скопје и Сараевскиот воен театар САРТР – Сараево.
Следната изведба е закажана на 8 ноември во Македонскиот народен театар со почеток во 20:00 часот.