Актерката Сара Климоска меѓу 10-те најдобри европски таленти за 2021

Maкедонската актерка Сара Климоска ќе ја добие наградата „Ѕвезди во подем“ (Shooting stars) која секоја година се доделува на најталентираните европски актери од платформата Европска филмска промоција (ЕФП).

Ѕвездата на филмот „Врба“ се најде меѓу 10-те млади актери кои ќе ја добијат наградата на манифестацијата која ќе се одржи дигитално од 23 до 25 февруари, пред 71-то издание на Берлинале.

„Изведбата на наградената актерка Сара Климоска од Северна Македонија е откритие во вистинска смисла на зборот, со емотивна длабочина која ги надминува нејзините години, прекрасно прикажана во филмското деби на Игор Алексов „Лена и Владимир“ кое ќе биде прикажано оваа година“, стои во образложението од ЕФП.

Климоска се најде во друштво со Сеиди Харла од Финска, Николас Мауру од Франција, Албрехт Шуч од Германија, Наташа Сорк од Унгарија, Фион О Ши од Ирска, Жигиманте Елена Јакштаите од Литванија, Мартин Лакмејер од Холандија, Алба Баптиста од Португалија и Густав Линд од Шведска како 10-те најталентирани актери за оваа година.

ФОТО: ЕФП

„Иако оваа година, за жал, нема да можеме да ги запознаеме во живо, ве повикуваме да ни се придружите, да ги откриете и да ги прославиме најталентираните европски актери од своите домови. Ова е мотото на овогодишната дигитална програма на Европските ѕвезди во подем“, соопштија од ЕФП.

„Shooting stars“ е најстарата и најпрестижна иницијатива за промоција на актерски таленти од Европа пред меѓународната филмска индустрија. Оваа манифестација се одржува во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин и важи за една од најпрепознатливите обележја на Берлинале, каде актерите кои се избрани имаат неверојатно искуство и можност за воспоставување на контакти со европски кастинг агенции, филмски професионалци и етаблирани актери од Европа.

Во филмот „Лена и Владимир“, Сара ја глуми 16-годишната Лена, која никогаш се нема вљубено претходно, покрај средовечниот Владимир (Тони Науновски), кој пак има загубено сè што љубел претходно. Заедно доживуваат пролет во еден ладен јануари и се вљубуваат во животот. Сценариото е на Александар Русјаков. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, којшто е завршен минатата година, но се уште не е прикажан.

Досега од Македонија добитници на оваа награда биле: Лабина Митевска во 1998, Наташа Петровиќ во 2011 и Благој Веселинов во 2019 година.