На свеченото отворање на осмото издание на Балкан панорама филм фестивал во Измир, Турција на македонскиот актер Мето Јовановски, кој е почесен гостин на ова издание на фестивалот, му беше доделена наградата „Златен чадор“ за неговиот придонес во филмската уметност, информираше Кинотека на Северна Македонија. Наградата му ја додели заменик министерот за култура на Турција Ахмет Мисхба Демирџан.
Јовановски кој е и член на жирито за избор на најдобар филм во интернационалната програма истакна дека филмот како медиум, односно магичните подвижни слики, ги надминуваат сите граници, бариери и се достоен репрезент, духовна вредност на културните различности и духовен спој, мост во заедништвото, пријателство и љубов меѓу народите.
„Чест и привилегија е да се биде во создавањето на една филмска сторија покрај бројни филмски великани, кои умеат: животот, историското минато, бројните настани и случувања да ги преточат во мисловен, возвишен и магичен креативен филмски свет, во филмска сторија како општочовечка вредност. За жал, нештата не секогаш се такви какви што ги посакуваме. Денес сите ние сме исправени пред нови предизвици и сведоци на бројни настани и промени, со желба за едно подобро утро во кое централна тема ќе бидат универзалните вредности како патоказ и ориентир за сите нас“, рече Јовановски.
Во чест на македонскиот актер на фестивалот ќе се прикаже и филмот „Тетовирање“ во режија на Столе Попов.
Филмскиот фестивал се одржува од 21 до 27 мај, а на изданието е предвидено да се прикажат повеќе од 150 филмови во повеќе од 250 проекции на шест локации во Измир. Селектираните филмови се од деветте балкански земји, а во фокус на овогодишното издание на фестивалот е Унгарија.
„Во официјалната селекцијата за главната награда на фестивалот се натпреварува и македонскиот филм ХОМО на Игор Иванов Изи, а како дел од разни селекции вклучени се и следните македонски филмови: ИСЧЕЗНАТИОТ на Арбен Тачи, ПРОБЛЕМОТ НА ТИНА на Радован Петровиќ, ВРБА на Милчо Манчевски, ДЕДО И ВНУК на Илија Пиперковски, МАНАКИ ВО СЛИКИ на Роберт Јанкуловски, ВРАЌАЊЕ на Кастриот Абдули, СВЕДОК на Митко Панов, со што слободно можеме да кажеме дека и македонската кинематографија е дел од фокусот на овој фестивал“, додаваат од Кинотека.