Активист со ЛГБТ знаме истрча на теренот и го држеше симболот пред тимовите за време на интонирањето на унгарската химна пред почетокот на натпреварот на Европското првенство во фудбал против Германија, јавува „Евроњуз“.
Лицето беше брзо соборено од обезбедувањето и беше турнато на земја, пред да биде одведено надвор од теренот со овации и аплаузи.
Многу германски навивачи носеа мали знаменца со боите на виножитото кои беа делени од активисти непосредно пред натпреварот.
Натпреварот претходно беше засенет од контроверзии по одлуката на УЕФА да го одбие барањето за осветлување на „Алијанц арена“ во Минхен во боите на виножитото за време на натпреварот. Ваквата идеја беше предложена од градоначалникот на Минхен, Диетер Реитер, кој ја осуди одлуката на УЕФА како „срамна“.
Градоначалникот се надеваше дека осветлената арена ќе демонстрира поддршка за ЛГБТ групите во Унгарија, по неодамнешното усвојување на закон од страна на Владата на Виктор Орбан, со кој се забранува хомосексуалците да се појавуваат во учебниците или ТВ-програмите наменети за лица под 18 години.