Познати жени од јавниот живот во Авганистан и Иран ја поддржаа кампањата со која се бара родовиот апартхејд да биде признаен како кривично дело според меѓународното право.
Кампањата која е покрената на Светскиот ден на жената има за цел да ги промени актуелните закони за дискриминација врз жените, кои според верувањата на активистите не ги опфаќаат системските политики воведени во Авганистан и Иран за уназадување на статусот на жената во нивните општества.
Меѓу потписниците на отвореното писмо до јавноста се и иранската добитничка на Нобелова награда за мир, Ширин Ебади, првата жена заменичка-претседателка на авганистанскиот парламент, Фавзиа Куфи и комесарката на Комисијата за човекови права на Авганистан, Бенафша Јакуби, како и повеќе активисти кои се борат за правата во Авганистан и Иран.
Иако во меѓународното право апартхејдот постои како кривично дело, тоа се однесува само на расни, а не и на родови групи.
Зборот апартхејд доаѓа од африканскиот збор за „разделени“, и првпат е користен за да се опише системската сегрегација на црнците во Јужна Африка под малцинска власт од 1948 до 1990-тите години.
Авторите на отвореното писмо, меѓу кои има и меѓународни правници, тврдат дека правната дефиниција на апартхејдот како злосторство против човештвото усвоена од Обединетите нации во 1973 година и поддржана од Римскиот статут во 1998 година, не ги опфаќа случаите во Авганистан и Иран.
„Според меѓународното право, злосторството на апартхејдот се однесува единствено на расните хиерархии, но не и на хиерархиите засновани на родова припадност. Оваа кампања ќе бара да се прошират моралните, политичките и правните алатки кои се достапни со цел да се мобилизира меѓународна акција против родовиот апартхејд и на крајот да се стопираат ваквите системи“, објаснува Гису Ниа, правничка која ја поддржува кампањата.
Во писмото се тврди дека под власта на талибанците, жените во Авганистан имаат забрана за образование, вработување во невладин сектор и владата, не смеат да патуваат на долги дистанци без машки придружник и мораат да следат строг кодекс на облекување. Истовремено во Иран на жените им се забранети голем број области на образование, спортски настани, патување без машки придружник, принудени се да носат хиџаб и според домашните закони вредат колку половина маж. Активистите велат дека овие забрани имаат за цел да ја потчинат жената под мажите и државата, а последици од кршење на овие правила можат да бидат насилство, затвор или смрт.