Активисти и организации со сет предлози до Градот за „Зелено и хумано Скопје“

Предлози за селектирање отпад, фотоволтаични системи, мерачи за воздух, субвенции за скутери за лицата со хендикеп и градска народна кујна се најдоа меѓу 27-те предлози кои денеска беа доставени до Советот на Град Скопје и градоначалникот Петре Шилегов, како дел од иницијативата за „Зелено и хумано Скопје“ и принципот за директна демократија.

Предлозите произлегоа од Граѓанскиот буџетски форум „Моја заедница, моја визија“, каде 12 различни организации и активистички групи ги угосласија и изгласаа, па денес тие и официјално беа предадани во градската архива преку активистката и советничка Драгана Велковска.

Велковска нагласи дека бараат предлозите да бидат инкорпорирани во Буџетот на Град Скопје за 2021 година.

„Доколку градското раководство ги игнорира, или делумно или целосно го отфрли предлозите, тоа ќе значи дека работи спротивно на интересите на скопјани. Сметаме дека во овие предлози се наоѓа основата на визијата за зелено, хумано Скопје и за неговиот одржлив развој“, рече Велковска на денешната прес-конференција.

Според Велковска, вкупниот износ на сите предлози изнесува близу една 1.700.000.000 денари, што претставува меѓу една четвртина и една петина од вкупниот Буџет на Град Скопје за 2020 година. Оваа година, како за споредба, вели таа, Градот издвои цела милијарда на реконструкција на улици и слични проекти.

„Што значи, кога Градот има средства за таква автоцентрична стратегија што ја спроведуваше од доаѓањето на ова раководство на власт, има средства да се спроведе и оваа визија за ‘Зелено и хумано Скопје’. Тие се јавни средства, на граѓаните, кои мора да се искористат за приоритетите на сите скопјани, а не за приоритетите на секоја различна партија што ќе дојде на власт. Сметаме дека е крајно време, имајќи ја предвид најголемата светска здравствена и економска криза во поновата историја, дека нема веќе простор за хаотични и контрадикторни политики. Едно одговорно раководство мора одговорно да се насочи кон јасна визија за одржлив развој на Скопје“, нагласи таа.

Елена Кочоска од организација „Полио плус – движење против хендикеп“ рече дека локалните политики се одраз на животот, онака како што замислуваат самите жители, да го создадат својот град најубаво место за живеење. Во овој контекст, како организација поднесоа два предлози.

„Едната е да се донесе стратешка рамка за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп на локално ниво. Нашата држава го ратификуваше овој договор, меѓутоа се уште нема ефективно почнато да работи кон негово спроведување. Дотолку повеќе што Град Скопје ги нема имплементирано ниту совладано обврските од договорот. Носењето ќе овозможи мејнстримирање на ова прашање низ сите сектори, а секако ќе придонесе и за редистрибуција, но и поефикасно планирање на буџетските средства, во интерес на жителите со хендикеп во Скопје“, нагласи Кочоска.

Вториот предлог на „Полио Плус“ за следниот градски Буџет е да се субвенционираат електрични скутери за жителите со хендикеп. Ова, според Кочоска, е со причина што постоечките субвенции на тротинети и велосипеди не се ефикасни и за скопјаните со хендикеп.

Од денешната прес-конференција пред Град Скопје, фото: принтскин од стриминг на МИА

 

„Со нашите предлози, од една страна, ќе придонесеме за заштита на средината, но, од друга, Град Скопје ќе излезе во пресрет на имплементација на обврските согласно договорот од 2011. Односно од независниот живот на лицата со хендикеп и остварување на правото на мобилност“, посочи таа.

Програмски менаџер на Институтот за истражување и политики „Ромалитико“, Алберт Мемети се освртна на потребите на ромската заедница, кои рече дека генерално произлегуваат од Шуто Оризари. Првиот нивен предлог за отворање на противпожарна единица во оваа општина.

Во зимскиот период, нагласи Мемети, сведоци се на пожари кои често резултираат со човечки и материјални жртви, додека се чекаат пожарни од другите општини.

„Вториот предлог се однесува на поставување на мерачи за воздух во Шуто Оризари, бидејќи голем број на Ромите се греат на дрва. Субвенциите што се предвидени од Град Скопје не допираат до ромската заедница. Потребен е пристап за поставување на мерни станици, меѓутоа и субвенционирање на фотоволтаични инсталации со цел да се намали таа енергетска сиромаштија. Или пак субвенционирање на печки на пелети, или таргетирано субвенционирање на климатизери во Шуто Оризари“, нагласи тој.

Антонио Јовановски од „Go Green – Биди Зелен“ рече дека ова е пример за демократија. Секој да си каже како да се подобри ситуацијата во заедницата. Тоа, вели тој, треба да го има и во семејствата, на маалско, општинско и на градско ниво.

„’Go Green’ предложува зајакнување и зголемување на образованието за климатски промени. Поставување на фотоволтачни системи во средните училишта во Град Скопје, конкретно за ‘Никола Карев’, каде направивме на јаглеродниот отпечаток и загадувањето кое се создава од средно училиште. Затоа сакаме да ги видиме сите училишта на фотоволтаични системи“, рече тој.

Другиот нивен предлог е за поддршка на иницијативата #Селектирам, со која се доближува селектирањето отпад до домовите во зградите.

„На тој начин се вклучуваат неформалните собирачи на отпад, кои се едуцираат и интегрираат во системот, да ги собираат секундарните суровини од домаќинствата. Електрични трицикли, работна опрема и картонски кутии се предлозите кои очекуваме Град Скопје да ги прифати“, потенцираше Јовановски.

Граѓански буџетски форум

Блаже Јосифовски од Асоцијацијата „Ајде Македонија“ се осврна на потребите на социјално ранливите категории на граѓани и предлогот за градска народна кујна. Кризата, вели тој, придонесе за 30 до 50% да се зголеми побарувањето на граѓаните за храна.

„Во наредниот период кога ова ќе се интензивира, ќе значи зголемени барања за граѓани кои дел и претходно биле вработени, но поради ситуацијата ги изгубиле работните места, или се влошила ситуацијата од различни аспекти. Навистина е жално што град со 700-800.000 жители нема своја градска народна кујна, која може да ги опслужи потребите на граѓаните. Тоа е стандард во сите општества, особено на европскиот континент, но засега нема таква иницијатива“, рече Јосифовски.

Тоа што иницијатива дополнително го носи како вредност во себе, дополни тој, е тоа што го инкорпорира носењето на вишоците на храна, со цел намалување на трошоците.

Ативистот, професор и истражувач, Иво Босилков, кој беше еден од организаторите на Форумот, објасни дека предлозите произлегуваат од пристапот на директна демократија.

„Тоа, на накој начин, е прозорец во иднината. Визија за тоа каква ќе биде политиката во иднина, а тоа значи максимизација на граѓанската партиципација и насочување на дебатата на граѓаните од страна на експертите. Во таа политика на иднината нема место за партиите и политичарите во формата која постојат денес. Тој систем и начинот на кој функционираат е застарен и континуирано води кон суб-оптимални исходи, нешто што го гледаме во последните три децении. Тие суб-оптимални исходи се всушност симптоми на една болест. Таа болест е несоодветна, корумпирана и застарен модел на демократија“, рече Босилков.

Затоа и во следниот период, најави тој, ќе продолжат со демократски експерименти, како Форумот,  демократски иновации… што мора да почнат да се одвиваат на локално ниво.

„Тоа е нашата визија, бидејќи само таму може да се гради таа блискост помеѓу граѓаните и активистите и тој дух на заедницата може да се култивира единствено, барем на почеток, на локално ниво“, потенцираше Босилков.

Меѓу останатите сет буџетски предлози за 2021 година се и стратегии за оптимизирање на квалитетот на живот на децата. Потоа, ресурсен центар за самохрани родители и деца од еднородителски семејства, соодветна помош за културните работници, зголемување на процентот на квалитетна велоинфраструктура, мерки за поттикнување безбедни алтернативни форми на транспорт и градски компостари за редуцирање на најмалку 70% од вкупниот отпад.

Исто така, активистите и организациите бараат градска мрежа од мониторинг станици за загадувањето на воздухот, особено на објектите под надлежност на Град Скопје со цел произведување на чиста електрична енергија и прецизно лоцирање на загадувачите, но и мерки за унапредување на благосостојбата на бездомните животни и зголемување на процентот на (креативно) зеленило во градот.

Бојан Шашевски