Неколку активисти утрово на Рекорд поставија кутии со бесплатни маски за граѓаните кои се движат во централното градско подрачје. Револтирани од големото загадување на воздухот кое веќе седми ден е над дозволената граница, активистите велат дека сакаат да ја подигнат свеста кај луѓето за последиците од дишењето на отровите кои се присутни во воздухот.
„И надлежните и граѓаните треба да одлучат дали сакаат да возат или да дишат, дали сакаат да коваат челик или да дишат, тоа се прашањата на кои 600, 700 илјади граѓани на Скопје заслужуваат да добијат одговор. Не можеме да поделиме 600 илјади маски, исто така сме свесни дека овие маски вршат само 20 % од работата, не можат да ги запрат сите отрови и сите честици, но сакаме да ја подигнеме свеста кај луѓето, да се иницираат нови барања и да се провоцира реакција на надлежните органи кои се надеваме дека конечно некој ќе се зафатат со решавање на овој проблем“, рече Никола Писарев, еден од активистите кои ги поставија маските.
Тие најавија и протест кој ќе биде во организација на неколку еколошки здруженија, со кој ќе се бараат реакции и конкретни мерки од институцииите за да се реши проблемот со загадувањето. Овие мерки, како што велат, не смеат да бидат смешни како оние со кои Градот Скопје им препорача на граѓаните да не проветруваат и да не излегуваат од дома.
„Ако немаат намера да се бават со овој проблем, тогаш фер би било и власта и Градот да ни кажат, па луѓето самите да се снаоѓаат, има луѓе кои имаат викендици, роднини во други градови, оние кои се болни да се тргнат настрана додека трае ова, но треба да кажат искрено, за да си најдеме начин да дишеме“, додава Писарев.
Вчера повторно беа регистрирани високи концентрации на честичките ПМ10, и тоа од 90 до 180 микрограми на метар квадратен, што е благо намалување во споредба со претходните денови, но сепак е над дозволените граници. Според познавачите, ваквите отровни честици предизвикуваат најразлични болести на белите дробови, кардиоваскуларни болести, се зголемува бројот на мозочни удари и напади на астма, како и други инфекции.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдулаќим Адеми вчера ги амнестираше од одговорност големите индустриски капацитети во Скопје за кои вели дека сега не работат, а според него за загадувањето биле виновни домаќинствата и сообраќајот. Од Министерството за здравство пак најавија дека допрва ќе испитуваат и докажуваат кој загадува.
Интервентните мерки за справување со загаденоста во Скопје на предлог на Министерството за животна средина се најдоа на денешната седница на Владата и се очекува таа да ги усвои. Во продолжение погледнете што велат граѓаните за загадениот воздух во кратката анкета на Радио МОФ.
Кристина Озимец