Здружението за заштита на животните „Про Анима“ од Берово алармира дека на манифестацијата „Штрапаријада“, која е најавена дека ќе се организира утре во градот, ќе има нехумано и сурово однесување кон коњи, што според нив претставува кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните.
Од Здружението велат дека под изговорот дека се работи за одржување на спортски настан, на „Штрапаријадата“ коњи се присилуваат на влечење на трупци и јавноста сведочи на мачење на животните кое ја нарушува нивната благосостојба.
„Ако само го погледнете видеото од Штрапаријадата одржана минатата година или истата од 07.05.2023 година, во истата организација, ќе посведочите на крајно нехумано и сурово однесување спрема животните од страна на учесниците, проследено со влечење, тепање, присилба на коњи која го надминува нивниот физиолошки капацитет, здравствена или кондициона способност“, алармираат од „Про Анима“.
Оттаму велат дека Законот за заштита и благосостојба на животните предвидува дека „во секој можен случај и под секакви околности, секој треба да дејствува на хуман и грижлив начин кон животните”, дека “на животните треба да им се обезбеди нормално однесување имајќи го во предвид видот, старосната категорија и нивните физиолошки и етолошки потреби”, како и дека е “забрането присилување на животните на работа која го надминува нивниот физиолошки капацитет, здравствена или кондициона способност“.
Активистите посочуваат и дека во Кривичниот законик се пропишува дека грубата злоупотреба на животните нивно изложување на непотребни маки или болки се казнува со парична казна или со затвор до една година.
„Организаторот и учесниците не само што со своите дејствија вршат кривично дело, целиот овој настан од почеток до крај е проследен со бројни пропусти, односно се работи за една бесправна импровизација во секој поглед. Организаторот нема никакви правила за одржување на настанот, никаква организациска поставеност, настанот се одржува без склучен договор со правно лице за обезбедување на истиот, без присуство на Итна помош, без потпишан договор со ветеринарно друштво кое би било присутно со оглед на тоа дека главни учесници се животни. Организаторот притоа спротивно на закон, врши нерегистрирана дејност, односно продава билети, храна и пијалоци, без дозвола од надлежен орган“, обвинуваат од Здружението.
Од „Про Анима“ велат и дека Општината е целосно индиферентна по овој настан и се иззема од било каква надлежност и покрај тоа што, според нив, манифестацијата остава многу лоша слика пред очите на светот.
„Штрапаријадата во Берово е само уште еден доказ за целосно нефукционирање на системот, за целосно игнорирање на случувањата на надлежните институции, кои не што не постапуваат по службена должност што е нивна законска обврска, туку и не реагираат соодветно и кога ќе им го посочиш проблемот. Вакво недозволиво однесување и безредие на мала група на луѓе, кои со секоја своја постапка кршат закон не би била можна кога институциите на системот би си ја вршеле работата за која се платени“, наведуваат активистите.
Од Здружението велат дека овој настан и во минатото и сега е пријавен од сите здруженија за заштита на животните.