„Една недела отпор, непробојност, цврстина, слога, и една цел“, велат од иницијативата Младите на Иловица-Штука против рудникот, откако денес беше одбележан седмиот ден како локалните жители и активисти здружено се собираат и бараат одземање на концесијата на „Еуромакс“.
На денешниот собир беа присутни граѓани од повеќе генерации.
Активисти потенцираа дека колку поблиску се до конечен исход, толку се побројни и поцврсти во својот став да не отстапат од своето.
„Мислејќи дека можеа дополнително да не разединат и скршат додавајќи ‘масло на огнот’ покрај останатите наметнати ‘причини’ за раздор кои се вкоренети во нашето општество, не направија обединети, решителни и сложни како никогаш никој друг досега. Срцето, љубовта и носталгијата за домот кај што сме израснати не води. Ова е нашиот дом, ние остануваме овде, вие си одите! Крушевска Република траеше десет дена, колку можеме ние?“, се вели во соопштението на Младите на Иловица-Штука против рудникот на социјалните мрежи.
„Здрава котлина“ преку Фејсбук објави и видео од денешниот собир:
Премиерот Зоран Заев завчера најави дека овој или следниот вторник Владата ќе ја донесе конечната одлука за иднината на рудникот Иловица, но не сакаше да ја коментира самата одлука, затоа што, како што рече, ќе ја образложи со сите детали.
„Знаат и граѓаните и концесионерите, правно формалните можности не се исполнети“, изјави Заев пред новинарите.
Од „Здрава котлина“ вчера рекоа дека се охрабрени од вестите, но сепак и претпазливи со очекувањата со оглед на минатите случувања.
Како што најавија активистите и жителите, остануваат на барикадите до конечното одземање на концесијата на „Еуромакс“ со правно-формална одлука на Влада.