Повеќе од 50 активисти денеска протестираа пред стационарот за бездомни кучиња „Вардариште“ за да укажат на, како што велат, безмилосното убивање на кучињата, лошите услови во стационарот и непочитувањето на програмата „Залови, стерилизирај, пушти.“
Обвинуваат дека кучињата во стационарот се смрзнуваат, се ловат веќе стерилизирани кучиња, а ним им е забранет влез на ова место со години. Со паролите „Глас за безгласните – правда за животните“, „Вардариште е Аушвиц за кучиња“ и „Нивниот живот е во наши раце, ние сме нивниот глас“, попладнево маршираа до стационарот каде што веќе ги чекаше полицијата. Активистите прво побараа да бидат пуштени во стационарот, па по повеќе од еден час чекање, извици и тропање на вратите од објектот надлежните примија неколкумина претставници од нив.
Како што изјави по средбата Столе Велковски, претседател на здужението Анима Мунди, уште еднаш побарале од директорот на „Комунална хигиена“, Рахип Дочи да бидат исполнети барањата на активиsтите и повторно им било ветено тоа ќе се случи. Но, вели Велковски, јас не сум голем оптимист.
„Ова се прашања кои се многупати е разговарано, велат дека ќе ги пушта волонтерите, ќе обезбедат услови за животните во текот на ладните месеци, сто пати досега добивме вакви ветувања. Јас се надевам дека овој пат ќе бидат посериозни бидејќи ние сега нема да се откажеме“, истакна Велковски.
Тој информираше дека за 10 јануари е закажана уште една средба, а ако нема поместувања на работите кон подобро, најавуваат низа протести. Активистите бараат, штом нема хуманост за животните , Вардариште да се затвори. Апелираат за поголема транспарентност во работата на стационарот, но и за дозвола за фотографирање во објектот, за да објавуваат фотографии и да ги мотивираат граѓаните да посвојуваат животни.