Активистите за заштита на правата на животните викендов најавуваат голем протест пред стационарот за бездомни кучиња Вардариште.
Велат дека се изреволтирани и незадоволни поради нехуманото функционирање на ова место, а најавениот собир, додаваат, е глас за спас на бездомните животни и апел, доколку нема хуманост, Вардариште да се затвори.
Активистите бараат доследно да се спроведуваат трите чекори утврдени со програмата залови, стерилизирај и врати, наместо како што велат, масовно да се убиваат животните. Апелираат Вардариште да запре со работење во зима бидејќи кучињата се изложени на смрзнување и болести, како и да прекине заловувањето на веќе стерилизирани и обележани кучиња.
„Бараме санкционирање на секој затекнат заловувач кој постапува спротивно од Програмата и заловува претходно веќе обележани кучиња, затоа што е индикативно дека тие кучиња веќе го поминале третманот кој го нуди Вардариште. Бараме итно да се забрани заловување на мали кутриња во Вардариште, кои никако не можат да бидат стерилизирани и не се предмет на Програмата“, се наведува во повикот за протестот.
Активитите укажуваат и дека е потребна поголема транспарентност на работата на стационарот, каде треба да се дозволи фотографирање за кучињата полесно да се вдомат и евидентираат.Собирот го организираат група граѓани кои велат дека немаат намера немо да стојат и туку така да дозволат масакар на најверните човекови пријатели, а безрезервно е поддржан од Анима Мунди.
Протестот е закажан во недела (22) декември на пладне пред стационарот Вардариште.